Повторно некој божествен виор го донесе Старделов во Охрид. Тој толку жестоко се бореше за хуманизмот на нашето време, ги употреби сите свои таленти во борбата да не ја изгубиме духовно-културната македонска основа, темелите на нашиот историски персоналитет и темелите на една автентична уметност и естетика

Мимоза Рајл

Охридската академија на хуманизмот ја етаблира Светската награда на хуманизмот, чии добитници се големи имиња на светската хуманистичка мисла: Даисаку Икеда (Јапонија), Маноел де Оливеира (Португалија), Александар Сложеницин (Русија), Рави Шанкар (Индија), Питер Брук (Англија). За првпат Македонија влегува со умот и ерудистичкиот магнат, чиј дух ќе ја слави Македонија по меридијаните, Георги Старделов, првиот македонски хуманист што ја доби оваа награда.

Се сеќавам кога како студентка на Филозофскиот факултет во Скопје на часовите по естетика имав среќа одблиску да го слушам академик Георги Старделов, тој уметничко-енциклопедиски ум, таа непресушна ерудиција, таа дионизиска љубов што излегуваше од неговите очи кога зборуваше за уметноста, поезијата, грандиозните творци. Или кога во деновите на распаѓањето на Југославија ни велеше дека не смееме да ги заборавиме уметничко-естетските вертикали на македонската уметност, на богомилското учење како хереза, создавањето на словенската писменост, големата идеја за културното извишување на Словените што појде од Македонија и се разлеа низ сиот словенски свет. Кога со длабок восхит говореше дека и словенските јазици за основа го зеле говорот на македонските Словени. И тогаш во мене затрепери чувство на гордост да се биде Македонец, кое не згасна и не ме напушти до денес.
Старделов во тоа време во занес говореше за Охридската книжевна школа на хуманизмот како највисок дострел на човечката цивилизација.

Охридската книжевна школа не е само статична зграда од која излегле над 3.500 ученици, таа мора да остане траен плод на македонската култура, уметничко движење, духовен континуум што започнува во далечниот 9 век и преку драматичните столетија мора да опстои до денес. Ние денес го продолжуваме нивното дело преку Охридската академија на хуманизмот, на која токму академик Старделов, во Охрид на 19 јануари, на Богојавление, ја доби Светската награда за хуманизам. Неговото име ќе остане вечно врежано на Долна порта во стариот дел на градот. Ова е уште една потврда дека во животот на уметникот само навидум не постојат коинциденции. Повторно некој божествен виор го донесе Старделов во Охрид. Тој толку жестоко се бореше за хуманизмот на нашето време, ги употреби сите свои таленти во борбата да не ја изгубиме духовно-културната македонска основа, темелите на нашиот историски персоналитет и темелите на една автентична уметност и естетика.

Не криејќи го разочарувањето на принципиелниот антихуманизам, на кој несфатливо како во еден миг се најде човекот, Старделов ќе запише: „Нашиот свет, раздробен и искршен на парчиња, тешко се составува во едно цело. Напуштен и презрен, човекот е немоќен да преземе сериозна социјална и интелектуална иницијатива и е осуден на своја речиси космичка осама… Само тој нов обединет европски и планетарен свет може врз хуманистички начела да ги смени свртниците на нашиот космички брод што плови во неизвесна бездна. Тоа ќе ѝ овозможи на Европа повторно да ја возврати својата изгубена слава“.

Преку високиот европски хуманизам и солидарност, ние повторно треба да се најдеме еден со друг во еден амалгам, како што ќе запише академик Јордан Плевнеш во Поемата по повод врачувањето на Светската награда за хуманизмот на Старделов во Охрид:
„Кога ќе тргнете по патот од Охрид во Македонија
тој град на четири светци сочувани низ вековите
сами себеси ќе си речете Верувам во бескрајната
вредност на човекот што никогаш нема да биде замолчен.
Оној што прв го запали тој вечен пламен,
оној што со небесен чун тргна по водниот бескрај,
оној што целото знаење на светот го носеше во себе
немаше ништо друго освен бескрајна надеж“.
Така говореа академиците Георги Старделов и Јордан Плевнеш, фундаментите на нашата современа поетска мисла и на македонската уметност, како најверни наследници на Светиклиментовото дело во Охрид, кои катаден кога творат нѐ будат да не потонеме од заспаната љубов, тие со своите зборови како да ја пропуштаат онаа далечна светлина и просветеност, бранејќи нѐ нас самите од заборав, тие се оние што јасно го слушнаа божествениот повик да го продолжат Светиклиментовото слово.