На писателката Фросина Пармаковска утре на пригодна свеченост во 18 часот во „Даутпашин амам“ ќе ѝ биде врачена наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Пармаковска беше избрана за добитничка на признанието за својот трет роман „Одбројување“, издание на „Или-или“, во конкуренција на 27 романи. Оваа година наградата се доделува 19-ти пат. По згаснувањето на „Утрински весник“, кој до минатата година го организираше конкурсот за „Роман на годината“, првпат годинава организатор е Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и статуетка. Наградата е поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка а.д.