Изложбата „Неонска рефлексија“, која се состои од инсталации на уметникот Антонио Пирковски, претставени во излозите на Францускиот институт и кафе-барот „Нано“ во Скопје, ќе трае до 31 октомври. Илустрирајќи го градот како отворена галерија, преку уметност прикажана во излозите, идејата е да се поттикне комуникација помеѓу пошироката публика и уметноста, притоа, овој пат, раскажувајќи мултидимензионални приказни за трансхуманизмот и технолошката еволуција на човештвото преку неонската рефлексија.
Кураторката на изложбата, Кристина Глигоровска, објасни дека уметничките инсталации го отсликуваат современиот пристап кон создавањето скулптурални дела, генезата на универзумот, трансхуманизмот, како и човекот на денешницата во процесот на трансформација во сајбер-човекот од иднината.
– Клучниот елемент во делата е неонската светлина, која во излогот на Францускиот институт ја рефлектира пораката за испреплетената природа на уметноста, знаењето и модата, која е моќна алатка за визуализација на иднината, додека во излогот на кафе-барот Нано е отсликана симбиозата помеѓу уметноста, науката и технологијата – истакнува Глигоровска.