Токму во прибегнувањето во нашиот внатрешен уметнички свет, го наоѓаме она посебно естетско искуство, убавината и уметноста како духовни прерогативи што само уметникот може да ги доживее и да се чувствува среќно и тогаш кога е несреќен. Тоа е убавината на една афирмативна култура. Колку да се големи влогот и напорот на уметникот во создавањето на уметничкото дело, толку е убав оној занес во кој тој живее. Томас Ман ни велеше дека само таму тој сака да живее, во занесот на уметничката креација. Дали уметникот е осамен? Кога создаваме уметничко дело највнатрешното во нас, божественото во нашата душа, нашиот најискрен архетип без маска и сенка комуницира со нас во ликот, во сликата во композицијата. Уметникот не е осуден на осаменост, иако можеби тоа навидум изгледа така. Што се случува денес со талентите во нашето општество? Аплаузот е наменет само за една мала група медиокритети кои добро политички се инфлитрираа.

Да се живее и твори надвор од таа група стана опасно по животот. Како да излеземе од овој ќор-сокак?
Токму поттикнат од ова, Херберт Маркузе формулира една радикално нова естетичка концепција на уметноста, убавината, слободата на животот како категории на една внатрешна вистина. Во своите текстови тој го застапуваше гледиштето дека поетскиот јазик е единствениот револуционерен јазик што му стои на располагање на човекот. Зошто? Затоа што поетскиот јазик е јазикот на непокорната фантазија. Уметноста во својата духовна компонента стана решавачки фактор, вели Маркузе, на креацијата, на новата реалност во чија основа лежи фантазијата. Токму во тој лет на душата кон небесните височини, каде што одиме со нашата фантазија, е местото каде што се наоѓа нашиот дом.

Реалноста е контраст на фантазијата што ние луѓето можеме да ја менуваме. Фантазијата е алатка за промената што ние ја посакуваме, но постои само еден услов – ние само треба да поверуваме во неа. Естетиката не можеме да ја толкуваме само од аспект на уметничката трансцеденција, без притоа таа да придонесе да ја смениме стварноста низ тивка духовна револуција. Уметноста е најсилното оружје во таа револуција на трансформација на стварноста.

Убавината е универзална идеја. Таа не може да се сведе единствено на формално-естетско на убав предмет, убав објект или убава жена. Убавината е во слободата, во креацијата на новото што надоаѓа, во фантазијата. Политиката, пишуваше Маркузе, мора да стане уметничка. Таа мора постојано да наоѓа нови модели на креацијата за да дојдеме до совршенството, до општеството како уметничко дело. Мора да постои револуција, бунт против конфронтистичката уметност што се приспособува на општествениот медиокретизам, а тој мора во уметноста да се прогласи за грев. Мора да се заземе критичен став спрема постојното, а тоа е вистинската мисија на уметноста, постојано да го менува постојното затоа што сѐ започнува од една идеја.

Уметноста денес не смее да остане само декоративна фолија во светот на теророт. Таа мора во својата естетичка функција да ја менува формата на материјата. Затоа што со духот, со идејата, со уметноста ние единствено можеме да го менуваме светот. Секоја револуција почнува од идеја, која се разработува до висина на науката. Идејата и логосот заедно го даваат новиот квалитет, кој прво се појавува во духот, па дури подоцна во она што ние го нарекуваме реалност или објективна стварност. Уметникот мора да ја зачува својата автономија.

Маркузе остана најрадикалниот критичар на современиот капитализам и кон копнежот да се поседува материјата како нов критериум на вредноста! Тој прв ја виде плиткоста на еднодимензионалната природа на таквата деструктивна и антихуманистичка природа. За Маркузе уметноста никогаш не смееше да биде привилегија на богството, на слободното време, на среќните животни околности, таа мораше да стане и да остане стил на живеење. За жал, Маркузе се роди прерано. Неговата идеја во векот на тврдиот рационализам беше дисквалификувана како илузија.

Тоа беше оној историски рефрен дека колку е поголема илузијата, уште поголемо е разочарувањето. Така, сѐ до денес ниту во животот ниту во образованието никој не ја поттикнува фантазијата, уверувајќи нѐ самоуверено дека нашите соништа се недостижни. Светот се менува, свеста рапидно расте, се менува точно кон оваа легендарна идеја на Маркузе, која само до вчера беше невозможна и радикално отфрлена. Човекот, велеше Маркузе, мора еднаш да се ослободи од ропството заедно со својата слободна фантазија од нехуманите нагони на угнетувачите.

Не е можно да зборуваме за слободата во едно репресивно општество. Сѐ додека има еден човек што живее без слободна фантазија, ние не можеме да зборуваме за хуманизмот ниту за високата свесност во која влегува човекот. Фантазијата стана нова духовна идеологија на новото време, на новото нормално. Времето да заживее оваа позната идеологија на духот на Маркузе е токму сега.

Проф. д-р Мимоза Рајл