Фото: Дарко Андоновски

Светската галерија на карикатури одбележува 50 години постоење, а првиот човек на „Остен“, Мице Јанкуловски, очекува Скопје да го добие и најатрактивниот музеј на карикатурата во светот

Почетокот на јуни во Скопје помина во знакот на најавата на 50-та Светска галерија на карикатури, во организација на „Остен“, кога во Музејот на градот Скопје беа соопштени наградените учесници на нејзиното јубилејно издание и беше изложен избор од 200 дела од исто толку автори. Првиот човек на познатиот бренд „Остен“, карикатуристот и ликовен уметник Мице Јанкуловски, кој пролетва имаше и самостојна изложба во Солун, посочува дека е време Скопје да добие и музеј на карикатурата.

За кога е закажано отворањето на големата изложба на Светската галерија на карикатури, која во Скопје е присутна од 1969 година?
– Јубилејно издание на 50-та Светска галерија на карикатури и Светското биенале на цртеж, под една рамка, свечено ќе бидат отворени на 20 ноември, во Националната галерија на Македонија, во „Чифте-амам“. Како Светска галерија на уметност на хартија ќе ги отвориме истовремено двете манифестации, ќе ги доделиме наградите и се надевам дека ќе имаме средства да ги повикаме наградените автори да бидат лично присутни. Да разговараме со нив и за третманот и начинот на кој функционира Светската галерија на карикатури, која е афирмирана манифестација. На карикатуристите им е многу важно да бидат дел од нејзиниот каталог, бидејќи критериумите за квалитет во карикатурата се тука, во Скопје.

Со кои карикатуристи од светот континуирано соработувате?
– Имаме селектор и меѓународно жири. Селекторот е афирмиран светски карикатурист, кој доаѓа тука. Годинава тоа беше Ердоган Башул од Турција, кој имаше и камерна изложба во Скопје. Со години се жирира електронски, но откако сме ние внатре во „Остен“, како менаџерски тим, жирито само двапати се состана овде. Електронското жирирање е проверено и функционира во светот, но прашање е на време кога жирито ќе биде присутно во градов заедно со селекторот, бидејќи тоа е еден вид ритуал на манифестацијата. Досега не сме имале значајна поддршка од државата, а од 2004 година, откога отиде НИП „Нова Македонија“ во стечај, се обидуваме да го ребрендираме „Остен“. Не само што успеваме да го вратиме туку и воведуваме низа активности што се почитувани не само во земјава туку и во странство.

Што ќе може да реализирате во рамките на Светската галерија на карикатури со доделените средства од два милиони денари од Министерството за култура?
– Тоа се средства за публикацијата и за изработка на документарен филм за јубилејот, кој ќе се реализира во соработка со ЕСРА, а ќе го прикажеме на отворањето на изложбите во „Чифте-амам“. Но тоа не е доволно. Во неколку наврати разговаравме со Министерството за култура и со градот Скопје за јавно-приватно партнерство и планираме да му дадеме предност на создавањето на најатрактивниот музеј на карикатура во светот во Скопје, бидејќи сите адути се на наша страна. Се надевам дека ќе успееме. Планираме тоа да биде објект купен со наши, а не со државни пари, а преку јавно-приватното партнерство би земале само дел од вработените во културата, кои треба на државна сметка да бидат (до)едуцирани, што за нас би било голема привилегија. Не сакаме да се случи тоа да добиеме објект на користење, како што беше Перонот на Старата железничка станица, па да дојде некоја власт утре да те исели, да го сруши објектот, што буквално и се случи. А Перонот беше препознатлив белег на Светската галерија на карикатури, чии изложби, отворени во галеријата „Остен“, до скоро посетителите одеа и ги бараа на старото место, на Старата железничка станица. Штета што тоа се сруши, бидејќи беше фантастичен простор, со каков ние сега кубуриме. Имаме, на пример, од Пикасо 75 дела, 26 керамики, но и 120 дела од Вазарели, прекрасна колекција што сега стои под маса, а треба да се види. Многу малку ни треба да го презентираме она што го имаме, но ако не се случи тоа, слободно може да ставиме точка. Имаме понуди и од Грција, Италија, Франција, „Остен“ таму да лоцира дел од своите активности со конкретни понуди.

Колку дела поседува Светската галерија на карикатури?
– Не знаеме, бидејќи тоа не е дефинирано. Карикатурите се наоѓаат на неколку места, поголемиот дел е во Музејот на градот Скопје, каде што ќе поднесеме барање да ни се вратат. Имам сознанија дека одреден дел е во приватни колекции и, за жал, преостанатото е рециклирано во „Комуна“, каде што по распаѓањето на НИП „Нова Македонија“, околу 90 проценти се однесени и рециклирани. Зборувам за оригиналните цртежи, за хемеротеката, за архивата, за сите весници што беа укоричувани. Во весникот „Остен“ ги објавувавме карикатурите на најдобрите светски карикатуристи.

Дали е дигитализирана постојната архива?
– Сега почнавме да го правиме тоа. За таа намена и добивме околу три илјади евра од Европската Унија, но и без тие пари почнавме со дигитализација. Работиме и на тоа да добиеме класичен отпечатен примерок, без разлика дали тоа ќе биде каталог или некоја друга форма. Ги немаме сите каталози од досегашните изданија на Светската галерија на карикатури, имаме можеби околу 50 проценти, а тоа се мои примероци што сум ги зачувал. Од 2004 г. ги имаме сите каталози, старите си ги враќаме преку контакти со домашни и меѓународни уметници. Првиот број на весникот „Остен“ е отпечатен во печатницата „Гоце Делчев“, на 1 јануари 1945 г., а го немаме оригиналот. Неодамна еден студент по една преписка на Фејсбук ми испрати скениран примерок од него од библиотека во Софија. Во Бугарија го имаат „Остен“, а ние го рециклиравме. Плаќаме и откупуваме каталози за до некаде да ја ублажиме таа катастрофална ситуација.

Ќе може ли на изложбата наесен да се види дел од таа значајна хронологија?
– Во оригинали не, но правиме ретроспективна јубилејна изложба, каде што се евидентирани околу 600 наградени карикатуристи во изминативе 50 години. Можеби сите не, но првонаградените дела на авторите ќе бидат изложени. Но тоа ќе бидат отпечатоци од оригиналите, бидејќи ние ги имаме само делата од 2004 година наваму.

На изложбата во Музејот на градот Скопје можеше да се види дека и годинешните карикатури ги содржат главно познатите теми: човек, општество, политика, простор, екологија, власт, моќ… Како гледате на 50-годишниот развој на карикатурата?
– Што се однесува до развојот на карикатурата, Интернет си го прави своето. Јас карикатурата ја делам на новинска и графичка, не сум сигурен каде припаѓа таа, дали во печатениот медиум, дали е новинарство или графичката карикатура е уметност. Јас лично се занимавам со графичка карикатура, но, во секој случај, карикатурата беше составен дел од печатениот медиум, тоа беше „Остен“, кој во 1980 година беше прогласен и за медиум број еден во светот. Но тоа полека замира, проблемот што го имаме не е само кај нас туку и на Балканот, каде што не излегуваат дел од таквите весници, како што е на пример „Јеж“, но не се ни ребрендираат. За разлика од нив, „Остен“ се ребрендира, не е само за карикатура, сега паралелно и за цртеж. На манифестацијата „Остен биенале на цртеж“ годинава двете водечки награди им припаднаа на Пјер Сулаж и Хенри Мур.

Има ли годинава нови имиња на македонски карикатуристи?
– Има, но се премалку. Македонија од 70 карикатуристи, сега нема 7, кои се директно или индиректно блиски до карикатурата. За Македонија тоа е недоволно, бидејќи колепката на светската карикатура е тука, во југоисточниот блок, во Европа, во поранешна Југославија, во Турција, Иран, Ирак, Украина, Русија.

Како може да влијаете во ова време на младите да се занимаваат со карикатура?
– Правевме еден проект лани, со наслов „Доза сатира за здрава демократија“, со посредство на американската амбасада. Реализирани беа повеќе информативни работилници, каде што демократијата како тема беше обработувана преку карикатурата. Објавивме и меѓународен конкурс за дигитална карикатура, беа одржани четири работилници низ земјава, а потоа во просториите на галеријата „Остен“ направивме две работилници за цртање на карикатурата, кои ги држеше карикатуристот Драган Поповски. Целна група беа средношколци од 14 до 18 години. Доколку успее идејата за музеј на карикатурата, таму ќе ги реализираме сите наши активности, па ќе продолжиме и со едукација на идните карикатуристи. Неопходно е да се појави печатено издание на „Остен“ за карикатура. Ќе го ребрендираме, лесно е за електронско појавување на медиумот, но тој треба да се печати, дали како самостоен или како подлисток на друг медиум.

Во март годинава со своја изложба се претставивте во Солун. Какви впечатоци носите, имавте ли одредени проблеми за нејзина реализација и на каков прием кај публиката наидовте со оглед на актуелните случувања меѓу Грција и Македонија?
– Пред две години учествував со своја изложба на првата меѓународна манифестација под наслов „Арт Тесалоники“, каде што дојде и галеристката Лола Николау, која е можеби најголем бренд во Грција, не само во Солун, за ликовна уметност и таа инсистираше да се претставам со минималистички дела. Тогаш беше договорена изложбата „Форми во црно“, која се реализира во март, а случајно во ист период се погодија и преговорите за името на Република Македонија. Грците имаа можност во галеријата „Лола Николау“ да видат дела од „Форма 3“ од моето творештво, црната фаза. Две години интензивно сликам само со една боја, првата слика од „Форма 1“ ја имав во 1969 г. Како млад тогаш не знаев дека тоа е ликовна уметност, ме интересираше само кинетиката, движењето. Во Солун изложувавме заедно со професорот од Лерин, скулпторот Харис Кондофирис, кој, пак, имаше црно-сиви скулптури. На публиката ѝ беше провокативно како сликата може да функционира само со една боја. Посетителите беа воодушевени од моите слики, а во каталогот од изложбата имаше голем текст за моето и за творештвото на Кондофирис, на грчки и македонски јазик.

Претпоставувам, во галеријата во Солун бевте заштитени од непријатни, дневнополитички реакции…
– Да, немаше непријатности. Разговаравме со советничката за култура во градот Солун за „Остен“, за можноста наесен да направиме во тој град, без надомест, изложба на колекциите на Пикасо или Вазарели, кои ги поседуваме. За возврат, Солун би ни овозможил да купиме простор по привилегирани услови, каде што би можеле да лоцираме дел од активностите на „Остен“. Тоа би било добро за нас, но и за Македонија.