Волшебниот свет на Чингиз Ајтматов (1)

Антиупатства за лична употреба

Кога се сретнав со „Приказните од степите и планините“ на Чингиз Ајтматов, бев дипломиран студент по компаративна литература и веќе маѓепсан со неговата проза. Имено, неколку години пред тоа се занесов во читањето на македонскиот превод на неговата прекрасна тажна бајка „Белиот параход“. Ме трогна мајсторството на писателот во плетењето на приказната за Детето, Рогатата Мајка Ирвас, заштитничката на Киргизите, за добродушниот, пожртвуван и уплашен дедо Момун, за суровиот тетин Орозкул. Во дива дивина, во најмалото село со само три киргиски куќи, писателот создава историја со универзални вистини за невиноста и искривоколченоста, за надежта и злобата. Најчистите, Детето и Рогатата Мајка Ирвас, смртно страдаат поради недозреаноста и насилството на возрасните за да можат да го прифатат и да го негуваат доброто. Но дури и кога ги опишува неправдите на светот, Ајтматов тоа го чини со мајсторско умеење и точност, без патетика, а со „сострадание“, како што самиот автор го нарекува.

Затоа, обемната книга избрани раскази и новели „Приказни од степите и планините“, во заедничко издание на еминентните книгоиздателства „Прогрес“ од Москва и „Вук Караџиќ“ од Белград, беше читателски предизвик што не е можно да се одбие. „Џамиља“, „Првиот учител“ (што го инспирира првиот филм на Андреј Кончаловски), „Збогум, Гуљсари“… беа четивото што повторно ме вовлече во мајсторската работилница на Ајтматов. Потоа следуваше читателската гозба со „И подолго од веков трае денот“. Сега го чекам „Белиот облак на Џингиз-хан“, за кого што слушнав дека излегол на хрватски.

Критичарите истакнуваат дека во својата книжевна постапка Ајтматов е магичен реалист, што преку проникнувањето на имагинарното во реалното го создава волшебниот свет во кој искуството од детството и раната младост ја храни неговата проза со безброј слики и преданија. Еве што вели самиот писател за тоа: „Во нашиот аил (село) се сметаше за задолжително секој да ги знае своите предци до седмо колено. Обично ги испитуваа момчињата: – А кажи ми, батире (јуначе), од кој род си, каков беше таткото на твојот татко? А неговиот татко? А таткото на неговиот татко? И каков човек беше, со што се занимаваше, што зборуваат луѓето за него? И, ако се покаже дека момчето не го знае својот родослов, тогаш ќе стигнат прекори до ушите на неговите родители. Каков е тоа, ќе зборуваат, татко без род, без племе? Што мисли тој, како да го порасне човекот, а да не ги знае своите предци. Тука постои определена смисла во таа смена на поколенијата и во заемната морална одговорност во родот“.
Иако се напојува со преданијата и легендите на својата родина, Ајтматов не бега од стварноста. Напротив, служејќи се со своето длабоко познавање на природата, на животинскиот и растителен свет, тој го осознава суштинското, внатрешното во реалното. Така се вовлекува и во човечките ликови со ненаметлива писателска истрајност, расејувајќи детали во нивното однесување и говор и, на тој начин, формирајќи впечатливи карактери.

Не е нималку чудно што повеќето од делата на Чингиз Ајтматов се филмувани.

(продолжува)