Во рамките на априлската завршница на програмата на Европските денови на културата – „Риека 2020“, која е приспособена на условите на актуелната пандемија, кога вратите на сите музеи на Приморско-горанската жупанија се затворени до 17 април, активностите на Поморскиот и историски музеј на Хрватското приморје Риека и на неговите дислоцирани збирки се одржуваат во виртуелен простор. Музејот на својата заинтересирана публика ѝ се обраќа преку мрежните страници и на социјалните мрежи. Заинтересираните меѓу другото може да ја видат и изложбата „Граници меѓу редот и хаосот“, која иако отпрвин е замислена да се одвива на три локации – во Гувернеровата палата и во дислоцираните збирки на Музејот во Каства и Липа, лани и самата наиде „границите“ што ги наметна пандемијата, па на сите заинтересирани сега им е достапна во виртуелен облик на адресата: granice.ppmhp.hr
– Изложбата „Границе – меѓу редот и хаосот“ ги проблематизира границите, оние вистинските, оние што луѓето самите себеси си ги наметнуваат или оние што ги наметнуваат околината, начинот на живот, традицијата и слично.

Оваа изложба отвора различни прашања: генерираат ли границите ред или хаос, дали се границите нужност или нешто на чие укинување треба да се тежнее и водат ли границите кон размислување каде престанува хаосот и започнува редот – посочуваат од Музејот.
Taa е продолжување на циклусот што беше реализиран во рамките на програмската насока „Време на моќ, Риека 2020 – европска престолнина на културата“, која започна со изложбата „Д’Анузиевата маченичка – L’olocausta di d’Annunzio“, по што продолжи со „Виолината над границите“ / „Страдивари во Риека, Крешник и Кремона“ и „(Не)видливи граници“, како и со циклусот на уметнички проекти во јавниот простор „Липа“, „Препознавање на отсуството“, во меморијалниот центар „Липа памти“.
Автори на изложбата „Граници меѓу редот и хаосот“ се Марко Бадурина, Маргита Цвијетиновиќ, Ана Гоља, Вана Говиќ, Тама Матаија, Никша Мендеш, Иво Милеусниќ, Ивана Шариќ Жиц, Јасна Ујчиќ Грудениќ и Теа Перинчиќ. Освен на мрежните, и на фејсбук-страниците, Поморскиот и историски музеј на хрватското приморје Риека, со другите свои содржини е присутен и на Тикток, на јутјуб-каналот, како и на мрежните страници на своите дислоцирани збирки: во меморијалниот центар „Липа памти“ и во музејската збирка „Каставштине“, на кои дневно објавуваат занимливости од работата на музејот, текстови и кратки видеоприказни.