„Златниот лав“ на централната изложба „Да живееш во интересни времиња“ на тековното Венециско биенале на уметноста годинава го добија три уметници, претставнички на Литванија, меѓу кои е и документаристката Ругиле Барджиукаите, која ја прими наградата.

Литванскиот павилјон го привлече вниманието на јавноста во Венеција меѓу 90 национални учесници на Биеналето со делото „Сонце и море“, кое на суптилен, изненадувачки и емотивен начин ги истражува надвиснатите закани на климатските промени. Делото всушност се состои од вештачка плажа и оперски перформанси за различни проблеми на денешницата, а особено за опасностите од еколошка катастрофа. Литванскиот павилјон уште од почетокот беше сметан за фаворит од новинарите, критичарите, историчарите на уметност, кустосите и другите претставници на стручната јавност.

Според жирито, павилјонот е награден за експерименталниот дух и неочекуваниот пристап во националното претставување. Жирито било импресионирано од инвентивната употреба на просторот за презентација на брехтовската опера. Станува збор за критички приказ на уживањето и опуштеноста во денешно време додека разни опасности се надвиснуваат, а пораката се однесува на фрагилноста на природата и тенката линија меѓу човечкото тело и планетата Земја, како и пријателството и љубовта што сѐ уште постојат во денешниот свет.