Изложбата „Ван Гог, Сезан, Матис, Ходлер“, која опфаќа 120 мајсторски уметнички дека на француската модерна на 19 и 20 век, се отвора на 21 март во музејот „Албертина“ во Виена.

– Изложбата ги прикажува револуционерните мајсторски уметнички дела на француската модерна, на импресионистите, експресионистите, фаувистите и кубистите. Во 20 век овие нови стилски правци доживеале врв во сликарството – најави директорот на музејот, Клаус Албрехт Шродер, оценувајќи дека за него ова е најважната изложба во оваа година во „Албертина“.
На изложбата ќе бидат претставени 120 масла на платно, плакати, цртежи, скулптури, фотографии од швајцарската збирка Хохенлосер-Бухлер, која се наоѓа во Музејот на уметноста во Берн, а дел во Кунстмусеум и во вилата Флора во Винтертур.

– Изложбата дава увид во единствената меѓународна збирка, која ја втемелиле богатите семејства на швајцарските индустријалци помеѓу 1905 и 1936 година во Винтертур и го расветлува нејзиниот културно-политички аспект на настанокот – вели Шродер.
Збирката ги наследила делата на здружението „Кунстверин“, во кое членови биле само мажи, а жените не биле пожелни. Збирката Хахнлосер-Бухлер настанала во блиска и пријателска размена меѓу колекционерската двојка Артур и Хеди Хохенлосер-Буехлер и нивните пријатели уметници вклучувајќи ги и Пјер Бонар, Хенри Матис, Фердинанд Холдер и Феликс Валетон. Подоцна и делата на нивните претходници Хенри Сезан, Пјер Огист Реноар и Хенри Тулуз Лотрек и многу други станале дел од збирката, која ќе може да се види на претстојната изложба. Збирката важи за една од најзначајните приватни колекции на швајцарската и француската уметност на 19 и 20 век.

Артур, швајцарски лекар за очни болести, и Хеди, швајцарска сликарка, биле страсни колекционери. Нивната вила Флора станала омилено собиралиште на уметниците во тоа време. По смртта на Хеди во 1952 година, нејзините потомци ја претвориле вилата во музеј, каде што се наоѓа и фондацијата.