Театарот „Бродвеј“ во Њујорк ќе остане затворен до крајот на годината, а многу претстави не очекуваат враќање на сцената до доцна зима или до рана пролет. Од асоцијацијата „Бродвејска лига“ изјавија дека сопствениците на театрите или продуцентите ќе ги рефундираат или ќе ги заменат претходно купените карти за сите претстави до 3 јануари. Поради неизвесноста од пандемијата, која доведе до затворање на „Бродвеј“, велат дека сѐ уште не се подготвени прецизно да одредат датум кога повторно ќе отворат.

– Планираме претставите да почнат во почетокот на 2021 година – стои во изјавата на асоцијацијата.
Меѓу другите логистички проблеми, лидерите на оваа индустрија се во договор со Владата за скенирање, тестирање, чистење и дезинфекција на внатрешноста на театарот, но и зад сцената.

Играњето на претставите беше прекинато на 12 март и ова е најдолг прекин во историјата на „Бродвеј“. Прв датум е 15 март 2021 година за претставата на Трејси Летс, „Минутите“, која се надева дека дотогаш театарот сигурно ќе биде отворен. „Американ бафало“ во режија на Дејвид Мамет е планирана за 14 април 2021 г., а мјузиклот за Мајкл Џексон ќе почне да се игра на 15 април наредната година. „Музички човек“ со Хју Џекман во главната улога се очекува да има премиера на 20 мај.