Браќа (1)

– Што ми требаше да го извадам од подрумот? – се караше нерасположено буткајќи го велосипедот со издишана задна гума.
А утрово сѐ изгледаше позитивно: го раскрили пердето, сонцето беше насекаде. Го отвори прозорецот и вдиша длабоко, не му пречеше што го здогледа високиот оџак на електроцентралата зашто и тој беше делумно затскриен со надојденото пролетно белоцутесто зеленило на багремите во паркчето пред зградата. Зарем не е тоа фантастично доживување! Навистина може да се каже дека беше добро расположен кога го јавна велосипедот и се спушти кон кејот. Го возеше велосипедот по патеката разминувајќи се и насмевнувајќи им се на девојките на ролерки во куси панталонки. Некои му ја возвраќаа насмевката. Неретко им беше симпатичен и драг на девојките и на луѓето воопшто, но што му вредеше симпатичноста кога не можеше долго да истрае и да ја искористи. Брат му беше многу помалку симпатичен, но му се пикна под кожа, само тој знае како, на оној директорот на банката, па потоа на заменик-гувернерот и, еве, веќе дваесетина години е финансиски советник на еден гувернер, па на следниот, зашто властите се менуваат ама тој се зацементира на својата високоплатежна позиција и секоја втора година купува нов модел автомобил. Пред некој ден го собра во неговиот нов автомобил, џип „тојота ленд крузер“, откако успеа да се извлече од полициската блокада пред Владата поради протестот на средношколските наставници.

Демонстрантите-професори извикнуваа гневни пароли и дуваа во свирчиња, облечени во изветвени, претесни сиви палта, во кои веројатно одат и на работа, во училиште, осиромашени госпоѓи и господа просветари. Во неговото „другарско“ време, професорите беа вистински воспитувачи, и по облеката, и по предаденоста на професијата. А овие денес? Сигурно им треба барем дупло поголема плата и почит, но тие се обидуваат, во мизерни услови, да ја образуваат иднината на оваа држава. Посака да им се придружи, да вика на цел глас против општествените неправди, ама беше многу студено, а тој само со џемпер и црвен шал околу вратот, па се одвлече од местото на настанот, подзастанувајќи, на неколку чекори, да се придружи во гласните протести „Уа! Бараме достоинство! Уа!“.

Меѓу зградите, со одеднаш нагласен апетит, се упати кон скромната меана „Боеми“ на телешка чорба. И тогаш, на улицата, крај него, запре импресивен автомобил. Внатре – збогатен новограѓанин со брадичка – брат му. – Влегувај. До каде одиш? – и веќе го изнервира со својот арогантен тон. Можеби, како што му вели докторката, односот со постариот брат е една од непотребните баласти со кои се оптоварува во животот, но не можеше да го избегне прегрејувањето одвнатре, кога овој го навредуваше, без никаков обзир.

Колку беше различен од тој негов брат, иако беа направени од исти родители! Пред десетина години, на самиот старт на неговиот високопрагматичен животен проект, штотуку оженет (со соодветно одбрана партнерка), брат му купи двособен проширен стан во Охридатите, евтино, од синот на Ристо Николовски (погодувате?, некогаш моќниот сега починат директор на една важна банка), кому парите му требаа што побргу да одмагли во Канада. Па, оттогаш викендите ги минуваа братот, сопругата и нивните две распрдени синчиња на брегот на езерото, но само преку годината, зашто налето градот е претрупан со туристи, а тие и така се на море, на некој грчки остров или на Сицилија. А тогаш никогаш не им текна да му понудат барем една недела во Охрид. Еднаш се обиде да го потсети: – Се сеќаваш како со мама и тато летувавме во „Горица“? Овој, како и обично, не го удостои со одговор. Мораше да запали. За време и по таквите квазиразговори со брат му, му доаѓаше да пуши цигара по цигара, па потоа му се слошуваше. – Што ми пушиш во кола?! Гаси ја веднаш или излегувај! Ќе излезе, ама да цркне од нервоза, не му е намера!

– Ги земаш ли редовно апчињата? – рече докторката додека чкрткаше по листот хартија пред неа. Потоа ја исправи главата, ги извади очилата и се загледа – редовноста во терапијата е најважна за нејзината успешност.

(продолжува)