Борхес и тигарот

Сум пишувал за своето доживување на настапот на 84-годишниот Борхес во парискиот „Колеж де Франс“, во јануари 1983 г. Неодамна, преведувајќи го разговорот на Бранка Богавац со Борхес што е воден во тие денови и со кој почнува нејзината прва книга интервјуа со најзначајните автори од втората половина на 20 век, „Разговори во Париз“, се потсетив уште еднаш на огромната турканица меѓу публиката, од која само помал дел успеа да влезе во Бергсоновата сала, каде што Борхес го имаше своето преставување. Заедно со повеќето истуркани посетители седнав на ѕитчето околу дворот на „Колеж де Франс“ и молкум, со напрегнато внимание, го слушав спокојниот, мек глас на Хорхе Луис Борхес, највлијателниот жив писател на светот во тоа време, од големите звучници што беа насадени низ дворот.
Со Марија Кодама, придружничка на Борхес во последниот четврт век од неговиот живот, завршува една друга голема збирка интервјуа на Богавац. Спонтаниот разговор во кафеаната „Флора“ е забележан неколку години по смртта на писателот. Кодама муабети за различни случки и впечатоци од заедничкиот живот; ми беше, на пример, многу интересно како Кодама раскажува за неговата средба со тигарот, животно кон кое Борхес имаше особена почит.

Како мистериозно, самодоволно, опасно и убаво суштество, тигарот отсекогаш ги привлекувал писателите – да ги спомнам само Тигру, тигру, ти што светиш/ среде шуми темни клети/ кој ја созда, јас те прашам/ симетријата твоја страшна?… на Вилијам Блејк или тигарот Шир Кан од „Книгата за џунглата“ на Радјард Киплинг, кој беше еден од омилените писатели на Борхес.
Колку Борхес бил интригиран и инспириран од тигарот сведочат и неговата подолга песна „Другиот тигар“ и кусата проза „Тигар“, чија завршна реченица е „Нора, девојчето, рече: Создаден е за љубов“. Нора, инаку, е име на помладата сестра на Хорхе. На едно место во друг расказ, „Борхес и јас“, ќе запише: „Спиноза сфатил дека сѐ што постои тежнее да ја очува својата сушност; каменот сака вечно да биде камен, а тигарот вечно да биде тигар…“.
Зарем не личи на борхесовски расказ средбата во живо на полуслепиот литерат-библиотекар со фасцинантниот тигар? Инаку за таа впечатлива епизода со тигарот од животот на големиот Аргентинец пишува и Алберто Мангел во книгата „Со Борхес“, но тука ја препишувам Кодама зашто нејзиното кажување е понепосредно, од прва рака: „… Сакаше да ги гали мачките, но беше страшно заљубен во тигри. Еднаш сретнавме еден Борхесов обожавател што имаше приватна зоолошка градина. Го повика Борхес на ручек. Кога седнавме на маса да ручаме, шест тигри почнаа да кружат околу нас. Борхес почувствува како го чешкаат и беше како наелектризиран. Подоцна нашиот домаќин го замоли Борхес да седне во градината и да почека. ’Големиот тигар‘ ќе дојде да го поздрави. Борхес, кој се облече посебно елегантно за таа пригода, седна на столот. Тогаш го видов тој страшен тигар како бавно се наближува кон Борхес. Се избезумив и сакав да го предупредам Борхес, ама ме спречија, зашто се плашеа мојот бел фустан да не го уплаши тигарот.

Така чекав во голем страв. Тигарот кружеше околу Борхес и одеднаш скокна до него: му ги стави предните шепи на рамената и почна да му го лиже лицето, долго траеше тоа. Вечерта Борхес беше толку возбуден, што не престана да зборува за тоа. Она што најмногу го шокираше и го вџаши беше здивот на ѕверот, беше заборавил дека тигрите се месојадци“.