Киното МСУ ја најавува својата нова програма посветена на авганистански автори и филмови. Програмата започнува вечерва, во 19 часот, со проекција во киното на Музејот на современата уметност. Селектор на програмата е Дарко Набаков, одговорен за филмската програма на киното МСУ. Програмата ќе биде отворена со филмот „Забранетата ролна“.
– Историјата на Авганистан во втората половина на 20 век беше обележена со угнетување и насилство. Авганистанско-канадскиот режисер Ариел Наср ја раскажува оваа приказна од перспектива на авганистанската филмска историја. Интервјуата со филмскиот историчар Маријам Гани, филмаџиите Латиф Ахмади и Сидик Бармак, актерката Јасмин Јармал и други клучни играчи се прошарани со извадоци од филмови – и од фикцијата и од документарниот филм – од архивите на националниот филмски институт „Афган филм“. Тие покажуваат богата култура во периодот во кој земјата претрпе многу драстични промени, од комунистичкиот режим и војната со Русија до угнетувањето од исламските фундаменталистички талибанци. Особено под талибанците, животите на филмаџиите беа загрозени. За тоа време, мала група луѓе успеаја да ги спасат архивите од уништување од рацете на фундаменталистите. Овој филм јасно илустрира колку е непроценлива кинематографијата, не само како уметнички израз или фактички извештај туку и како средство за подобро да се знае и разбере сопствената историја – информираат од МСУ.
Следните проекции се закажани на 26 ноември и за 1 и 3 декември.