Изложбата „Африкански лица“ со фотографии на фотографката Билјана Јуруковски ќе се отвори вечерва, во 20 часот, во Музејот на Македонија. На изложбата ќе бидат претставени повеќе дела создадени за време на нејзините патувања низ Африка.

Посебен интерес предизвикуваат прекрасните портрети на народот Сури, една од најизолираните заедници населени во југозападна Етиопија. Преку оваа изложба ќе имате прекрасна можност да се запознаете со архаичната култура на Сурите, но истовремено и да го посведочите уникатниот талент на фотографката Билјана Јуруковски.
– За ова волшебно патување низ Африка ќе можете да поразговарате со фотографката на средбата што ќе се одржи утре, во 12 часот, во Музејот на Македонија – информираат организаторите.

По впечатливите изложби „Духовите на Африка“ и „Африка во Македонија“ одржани во нашиот музеј, кураторот Гоце Наумов преку изложбата „Африкански лица“ ја продолжува приказната за африканските култури. Оваа изложба ќе биде придружена и со негово предавање за народот Сури, кое ќе се одржи на 23 јуни во 12 часот во Музејот на Република Северна Македонија.