Издавачката куќа „Антолог“ го најавува објавувањето на романот „Девојките од песочниот замок“ од американскиот писател Крис Бохџалијан, бестселер-автор на „Њујорк тајмс“. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска.

Во 1915 година Елизабет Ендикот пристигнува како волонтер од Бостон во Алепо, Сирија. Стотици илјади ерменски жени и деца се прогонети од своите домови во Отоманската Империја. Ерменскиот геноцид го уништил семејството на младиот инженер Армен. Кога Армен заминува од Алепо и патува во Египет за да им се приклучи на британските трупи, почнува да ѝ пишува писма на Елизабет. Полека сфаќа дека е вљубен и дека, ако не најде начин да се врати, ризикува да ја изгуби засекогаш. Години подоцна, ја запознаваме Лора Петросијан, романсиерка од Њујорк.

Иако дневната соба во домот на нејзините баба и дедо била наречена „Отомански анекс“, таа никогаш не му придавала голема важност на своето ерменско потекло. Но кога една стара пријателка ќе ѝ се јави, тврдејќи дека на изложба во Бостон видела фотографија од баба ѝ, Лора тргнува на патување низ историјата на своето семејство, кое ѝ открива љубов, загуба и вознемирувачка тајна закопана за идните генерации…
Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Ерменија во рамките на „Програмата за преводи од ерменската литература“.

Крис Бохџалијан (1962) е американски автор со ерменско-шведско потекло. Има објавено повеќе од дваесет книги. Многу од неговите наслови биле на прво место на бестселер-листите на „Њујорк тајмс“ и во селекцијата на Книжевниот клуб на Опра. Преведуван е на повеќе од триесет јазици, а три негови романи се и филмувани. Живее и работи во Вермонт, САД.