Во врска со темата на доминацијата на белата раса во класичната музика, во смисла на малото присуство на композитори и изведувачи од црната раса, списанието „Мјузик теори онлајн“ објави текст со наслов „Музичката теорија и белата расна рамка“, чиј автор е Филип Евел, кој предава на колеџот „Хантер“. Статијата почнува со реченицата: „Теоријата на музиката е бела“

Еден од најголемите борци за човекови права, Мартин Лутер Кинг Јуниор, во својата книга „Чекор кон слободата“, напишал: „Едно студено саботно попладне, во јануари 1954 година, тргнав да одам од Атланта, Џорџија, до Монтгомери, Алабама. Операта ’Метрополитен’ на радио изведуваше една од моите омилени опери, ’Лучија ди Ламермур’ на Доницети. Убавината на селата, инспирацијата од неповторливата музика на Доницети и раскошот на небото, вообичаената монотонија што го придружува релативно долгото возење, особено кога некој е сам, беа особено пријатни“.
На овој начин дознаваме дека Мартин Лутер Кинг слушал опера додека бил на своето историско патување за да ја проповеда својата прва беседа во Баптистичката црква на авенијата Декстер. Би можело да се најде нешто необично, па дури и контрадикторно, во неговата слика додека ужива во Доницети зад воланот на автомобилот. Затоа што тој беше подготвен да стане титан во движењето за граѓански права, класичната музика е свет во кој црните луѓе ретко имаат водечка улога.
Слично е и со активистот за граѓански права В.Е.Б. Ду Боис, кој се воодушевувал на музиката на Ричард Вагнер до таа мера што присуствувал на фестивалот во Бајројт во 1936 година. Иако Вагнер бил познат расист, Ду Боис изјавил: „Музичките драми на Вагнер раскажуваат за човечкиот живот како што тој го живеел, и ниту едно човечко суштество, бело или црно, не може да си дозволи да не ги познава, ако го познава животот“.

Неколку американски академици претпоставуваат дека Мартин Лутер Кинг испратил културен сигнал со тоа што го вметнал Доницети во својата книга „Чекор кон слободата“. Џонатан Ридер вели дека приказната ја демонстрира „желбата на Кинг да се претстави како човек со чувствителност“. Годфри Хоџсон, пак, пишува дека ваквите препораки имале цел „да ги уверат северните интелектуалци дека тој е на иста бранова должина со нив“. Космополитскиот вкус на Ду Боис предизвика слични коментари. Но објаснувањето е многу едноставно – тие ја сакале музиката и чувствувале потреба да го оправдаат својот вкус. Некои сметаат дека наклонетоста на Кинг и Ду Боис кон класичната „бела“ музика е универзална, антирасистичка доблест.
Во врска со темата за доминацијата на белата раса во класичната музика, списанието „Мјузик теори онлајн“ објави текст со наслов „Музичката теорија и белата расна рамка“, чиј автор е Филип Евел, кој предава на колеџот „Хантер“. Статијата почнува со реченицата: „Теоријата на музиката е бела“. Авторот продолжува да тврди дека тој факт е поткрепен поради отсуството на расна разновидност во оваа уметност, како и поради длабоко вкоренетата идеологија за надмоќта на белите, која влијаела и на тоа како се анализира и предава музиката. Главната цел на критиката на Евел е австрискиот теоретичар од почетокот на 20 век Хајнрих Шенкер, кој имал расистички ставови, особено во однос на Црнците и, според Евел, тие ставови влегле во навидум апстрактните принципи на неговата теоретска работа.

– Шенкер беше Евреин, но неговата приврзаност кон доктрините на германската супериорност го заслепуваше до таа мера што во 1933 година го пофали Хитлер, додавајќи: Ах, кога би се родил човек за музика, кој конечно ќе ги истреби музичките марксисти. Застапниците на Шенкер веќе долго време се свесни за неговите вознемирувачки ставови, но инсистираат на тоа дека неговата фанатична реторика нема никаква врска со неговото теоретско пишување – пишува Евел, кој тврди дека системот на Шенкер, всушност, е заснован на национална и расна хиерархија.
Набргу по објавувањето на написот на Евел, изби престрелка меѓу музичките теоретичари, поттикната не од самиот напис туку и од дваесетминутната кондензирана верзија на материјалот што Евел го презентираше на конференција, а магазинот „Мјузик теори онлајн“ одвои дел од тој говор и го објави.
Она што Евел го нарекува „бела расна рамка“ има посебна моќ да биде невидливо, затоа што класичната музика честопати е обележана како универзална, сè додека луѓето, кои не се белци, не почнат да ја изведуваат. Тој наведува примери од класична култура каде што од мноштвото изведби на тесен круг суперsвезди се исклучени жените и црните композитори, кои до средината на 20 век имале малку шанси да направат кариера.
– Маргинализацијата на црните композитори и музичари не само што е морална грешка туку и сама си нанесува рана. Класичните институции успеаја да се откажат од огромен резервоар на таленти. Наместо тоа, голем дел од тие таленти си најде место во џезот и во другите популарни жанрови. Дали Марион Кук, Флечер Хендерсон, Били Страјхорн и Нина Симон, меѓу многу други, првично се посветиле на студии по класична музика? Овој џез се нарекува и „класична музика на Америка“ и претставува индиректен коментар на „белината“ на концертниот свет – пишува во текстот.

Расизмот вграден во класичната и популарната музика е заднината што е неопходна за да се разбере тешко стекнатото достигнување на Флоренс Прајс, која е предмет на новата биографија „Срцето на една жена“, на покојниот музиколог Реј Линда Браун. Прајс, родена во Литл Рок, Арканзас, во 1887 година, од родители од средна класа, била примена на Конзерваториумот во Нова Англија, кој имал историја на прифаќање црни студенти. Таа првично заработувала за живот предавајќи и компонирајќи песни и кратки популарни дела. Но во четириесеттите години, откако го напуштила насилниот брак, таа ги проширила своите амбиции и се свртела кон симфониската композиција. Бележи неколку одлични настапи, но останала изолирана. Нејзините врски со црните заедници ослабнале, а белиот свет ја третирал како необичен случај. Отпорот со кој се соочила како жена композитор го направил нејзиниот напредок уште помачен. Сепак, нејзината „Трета симфонија“, премиерно изведена во 1940 година, сè повеќе се препознава како обележје во американската музика.

Денес работите одат напред, многу институциите за класична музика, оперски куќи, оркестри, друштва за камерна музика и ансамбли, изразија солидарност со движењето „Црните животи вредат“. Класичната музика може да ги надмине сенките на своето минато само доколку ѝ се посвети посилно на сегашноста. Доаѓаат млади таленти, како Тишан Сори, Џеси Монтгомери, Натали Јоаким, Кортни Брајан, Томека Рид и Матана Робертс, но сепак тие сѐ уште се делумно невидливи во класиката. Ако не се зголеми нивната видливост, како и секоја убава работа што ја создаваме, и музиката може да стане место на поделби и дискриминација.