Во книжарниците на издавачкиот центар „Три“ пристигна најпознатата книга од Морис Леблан, која го означи почетокот на една нова несекојдневна едиција насловена „Безвременски“.
– „Безвременски“ ќе ги шири книгите што важат за основа на целата книжевност – класични дела од истакнати автори, нивните најпознати, но и помалку познати книги, кои е време да блеснат во квалитетно издание на македонската книжевна сцена. Книги што секој треба да ги прочита и кои треба да го најдат своето место на полиците на сечија домашна библиотека. Целта на едицијата е класиците да бидат широко достапни во изданија какви што заслужуваат, со добри преводи и со модерен дизајн. Не случајно едицијата започнува со книга што важи за најславна меѓу крими-романите, книга што првпат се објавува во превод на македонски јазик – велат од „Три“.
Други наслови што се очекува да пристигнат под знакот на „Безвременски“ и што наскоро следуваат се: „Големиот Гетсби“ од Френсис Скот Фицџералд, „Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд, „Записи од подземјето“ од Фјодор Достоевски, „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
– Ова е првиот бран класици, но оваа едиција и понатаму ќе се шири. Да не се заборави од каде започна книжевноста, кои автори се нејзините столбови што треба да ги негуваме. Класиците се книги создадени од дамнешни генерации за новите и идни генерации, традиција што не бледнее, патоказ не само во литературата туку и во постоењето, порака што со оваа едиција ја испраќаме до секого – велат од издавачката куќа.