Откупен расказ на Конкурсот на „Нова Македонија“

Им пречи кога ги користам скалите, сум кревал врева. Крцкањето на дрвените скали го будело мисирчето, веднаш почнувало да плаче. Му се нафрлиле мозолчиња по вратот и по образите од плачење, повратило. Им пречи што палам светло кога се качувам во својата соба. Мисирот врие, многу плаќал за струја. Им пречи она што останувало зад мене: ѓубре, неуредност, чудни книги, грешни мисли. Мисирката ме гледа попреку и ме колне. Мисирот размислува на глас дека треба да одам да се лечам од себеси, а лек за тоа има во едно заградено и тивко место до кое може да се стигне само за половина час.
Но јас не сум луд. Мене само ми се бега преку прозорец додека седам крај масата, за ручек. Мојот стол останува празен. Никој не го забележува моето бегство. Сите се преокупирани со ручекот. Мисирот дува во врелата супа, мисирката ја полни чинијата на малиот мисир, кој се смее како зелен, потоа сите сркаат од супата. Ѕидниот часовник отчукува пладне. Јас веќе се префрлам преку оградата на третиот и четвртиот сосед. Со себе сум го понел и ножот од кујната. Мисирот сака да пресече од лебот, сигурно ја прашува мисирката да нè го видела ножот. Таа го бара низ фиоките, меѓу тенџерињата, во мијалникот – се туфка, вели дека сега бил тука, пред малку го видела на масата, бил завртен со врвот кон прозорецот. Сите веројатно погледнуваат натаму. Прозорецот е отворен. Малиот мисир и понатаму се смее. Големиот мисир ѝ вели на мисирката да го затвори прозорецот и да го донесе неговиот ловечки нож, оној што секогаш го носи со себе кога оди на лов, оној со кој ѝ го пресекол вратот на ранетата срна, која се обидувала да му побегне по заглушувачкиот и недоволно прецизен истрел во градниот кош. Крвавите траги го воделе преку зелена лединка, длабоко во честарот. Тој трчал со голото сечило, оближувајќи си ја крвта од долната усна што си ја прекасал кога нишанел во срната.
Бегам како луд со кујнскиот нож во рака. Прескокнувам секакви огради на кои се повредувам. Рацете и нозете ми стануваат крвави. Додека трчам мислам само на ранетата срна што ги собира и последните сили за да го испушти здивот во најскришното место, каде што никој нема да ја најде за да ја заколе пред да умре. Кутрата срна, скршени ѝ се двете задни нозе, беспомошно се влечка. Мисирот може да наиде секој момент и да ѝ го пресече гркланот. Го мразам тоа движење со сечилото, кога крвта прснува од кревкиот врат; го мразам мисирот кога ќе почне да го кажува тоа не знам по кој пат – неговите мали подвизи во ловот.

Зад мене се слуша кучешко лаење. Трчам бос по трнливата трева. Се сопнувам и заостанувам зад оној што продолжува да бега. Тој трча и натаму, не знае дека повеќе не можам да го следам. Ќе застане кога ќе стигне таму каде што наумил и дури тогаш ќе се заврти назад за да ми каже дека сме стигнале на чистината каде што умира ранетата срна. Само тој и ранетата срна ќе умираат заедно, скриени од мисирот, кој ќе мора да се врати од каде што дошол, зашто ноќта ќе биде долга и страшна.
Станувам од боцливата трева, ножот ми излетал од раце, на неколку чекори од мене. Го земам и продолжувам напред со наведната глава. Се движам бавно и тромаво. Раните по рацете и колениците почнуваат да ме болат. Одам кон реката – таа може да ми даде утеха. Ја гледам: бавно тече, бавно шумоли, ме привлекува, ми шепоти нешто таинствено. Силно го зафрлувам ножот во матната вода. Седнувам на брегот и чекам да зајде сонцето. Залезот ми ги отвора зениците – од нив излетуваат две птици, летаат кон светлината и се составуваат во една црвена птица, која се изгубува во малечка црвена точка.
Јас сум оној што останува на брегот, оној што нема сила да трча во чекор со тој што секогаш стигнува на целта. Јас сум оној со детско лице, оној што седи крај реката, што старее и секој ден е сè побавен, оној што паѓа на коленици и се влечка како безрбетник, што не го сакаат како таков, што самиот не се сака, оној тешкиот, мрачниот, оној што зборува и повеќе е луд одошто нормален, повеќе болен одошто здрав, повеќе тажен одошто весел, повеќе осамен одошто сам, неразбран, неприфатен, нерешителен, неподготвен, недостоен. Јас сум оној што гледа залез, река и оној што бега, а не е бегалец – бегалецот не застанува, бегалецот не знае за болка, знае само да бега и ништо друго, сè додека е во бегство.

Јас сум оној што знае и нешто друго, затоа паѓам на коленици и заостанувам зад оној што знае само да бега. Доаѓам крај реката и го правам она што го знам: чекам и гледам. Живеам во бегство додека седам крај реката, додека одам по улица, додека сум болен, тажен, разлутен, додека спијам. Бегам од реката, бегам од луѓето кога сум меѓу нив, бегам од сонот кога спијам, бегам од болеста кога сум болен, од лутината кога сум лут. Бегам од сето она што сум кога сум јас оној што бега, а сепак не сум бегалец, зашто паѓам на коленици, паѓам на лакти, на нос и чувствувам болка. Болката ми го пресекува стомакот и ми ја притиска главата, ми го заматува погледот, ме тера да молчам кога ми се вика, да гледам кога сакам да ги затворам очите, да слушам кога сакам да бидам глув. Мојата болка значи чекање, трпеливост, самосовладување. Ги стегам забите. Крв на долната усна. Црвена дамка. Сонцето исчезнува зад ридовите. Од далечината се одделуваат моите птици и се враќаат назад. Тогаш можам да ги затворам очите и да го разлабавам стисокот на вилицата. Зад затворените очи чувствувам олеснување и си ветувам дека ќе издржам. А што? Наеднаш чувствувам силен глад. Морам да јадам. Јас сум оној што брзо огладнува и треба да јаде за да може и понатаму да чека кога ќе сака да побегне.
Мисирите сигурно одамна го завршиле ручекот. Мојата чинија најверојатно ја истуриле во мијалникот. Се враќам на патот. Од фурната купувам топол ѓеврек и го јадам во мали залаци. Последниот залак го голтнувам пред куќата на Мисирите. На прозорецот стои малиот мисир. Ме гледа додека ја отворам дворната врата. Доаѓам под неговиот прозорец и почнувам да го забавувам со едноставни трикови.
Знам, вели мисирчето, го знам тој тлик. Копчето ти е под јазикот.
Му велам: Мисирчето е моцко. Тој се смее, подзамижува со очињата и ги покажува расипаните заби.
Мисирчето е маже цетволно.
Тој пак се смее.
Го виде доктолот, доаѓа за да ти стави игла во задникот.
Тој престанува да се смее.
Аха, еве го, иде, покажувам кон дворната врата. Малиот ми поверува и се скри в соба. Потоа одвнатре се јавува мисирката, му зборува нешто, излегува на прозорецот и ми советува да не ѝ го плашам детето, туку да си ја гледам работата.
Тивко влегувам внатре, како крадец ја ставам ногата на првото скалило. Веќе сум на третото, четвртото… седмото скалило, осмото ненадејно скрцнува под мојата тежина, чувствувам како кожата ми се наежува по целата снага. Усните ми треперат додека бавно се искачувам. Потоа, наеднаш, правам големи чекори, пречекорувам по две скалила и веќе сум на дофат од мојата соба. Мисирот се накашлува на дното на скалите. Не се вртам. Се втурнувам в соба и останувам потпрен на вратата. Повторно сум сам.

Владо Јаневски