А каде ли патуваат душите? (2)

Во соседниот стан, лево во приземјето на интернатот, Димитар Поп Стојменов, таткото на прабаба ми Марија, со гостинот Илија Коробар, си гледаат, по нивниот шегаџиски обичај, во испразнетите филџани кафе. Во шолјичката на гостинот расцутеле шарки: како некој невешто да го попрскал беззабото фетусно белило на порцеланот со мастило. Еве: момичка со голо папоче ce натпева со златоклунестото пиле во меден кафез. Под нив, две самовили играат џамлии. Над нив, бесен октопод го тутка непослушното небо. Влево, на пердувест облак магаре алтани ика. Под него, кораб-коњ едри над длабоки ендеци. Под него, едноока разгалена риба клокоти трома смеа. – A што е приказната нацртана онаму? – ce прашуваат пријателите пред нејасната дамка што повеќе скрива отколку што открива. – Град! – викна трговецот Коробар, – со палати од песок и принцези од сол!
Димитар молчи: изгребаното непце на филџанот испишува тајна порака. Згмечена пеперутка на месечевиот рид. A врз неа ce нафрлило племе мравки.
Ceгa е на ред шолјата на Димитар. Колку што филџанот на трговецот беше исцртан, толку овој е празен: само црна баричка на дното и горе, речиси на работ, кај сркот, лик на човечуле што ce препнало. – Џуџево не гледа кај оди! –ce смее Коробар. A на Димитар повторно му ce стега грлото. Некако попладнево не му е до вистинска смеа, можеби поради овој ситен, упорен дожд, a повеќе поради Елена, која токму по ова време реши да оди на веслање.
Некој потчукна на вратата, премногу срамежливо и несигурно за Елена. Како што и претпоставува, тоа е добриот monsieur Barthélémy.

– Еве, јас наминав – плашливо подѕирнува.
– Повелете, влезете – трговецот весело го престига домаќинот во поканата.
Тоа што трговецот Коробар е еден од многу ретките на кого расеаниот Кузен не му го заборавил името, веројатно, доаѓаше и оттаму што во нивните меѓусебни живи дијалози велешанецот секогаш внесуваше доволна доза на закачка, што кај кутриот платонољуб предизвикуваше плима на вжареност.
Дали комарецот смее да слета на образот на заспаниот ангел? Ако му е дозволено тоа, тогаш тој, според неприкосновениот закон на својот вид, како и секогаш ќе си цицне од крвта. Но и во тој случај, кога ќе испие капка од божествената крв, комарецот нема да стане бесмртен. И така и онака, cher Directeur, без оглед дали каснал од ангелот или од некој злосторник, тој си останува беден комарец, зарем не? – и денес, навидум лежерно, трговецот го чепна соговорникот.
Monsieur Cousinnе не може ни сега да го избегне руменилото на образите. – Вие сте, драг Илија, ѓаволски интелигентен – пропелтечи – но, сепак, на практичниот живот, ако смеам да кажам така, му давате преголема важност. Јас, не забележувајте ми, колку што навлегувам во она што е привидно скриено, толку наидувам на нова ширина, голема пространост без граници, без брегови…
– Никој не смее да ви забележува – го прекинува трговецот, a кришум соучеснички му намигнува на Димитар: – Сонот е лична работа и му припаѓа на оној што ќе го отсонува. Но јас, иако сакам да гледам во талогот од кафето, најчесто спијам тврдо и не стигнувам да сонувам.

– Ако ми дозволите, драг Илија – веднаш му одговара возбудениот Кузен: – Сонувачот не може да владее со сонот. Душата слободно ce буди додека трошното тело мирува. Гулаб и јагне е душата, драг Илија, невина и устремна кон повисокиот живот. Таа понекогаш го предупредува невнимателниот сонувач дека не е cè во збирањето златници и дека некогаш, кога тој најмалку ќе очекува, ќе ce најде немоќен како оставено дете…
Koј можеше да претпостави дека оваа често изговарана реченица на добриот Кузен може да биде претскажувачка во непредвидливото животно ткаење кај двајцата пријатели? Симетриите на она „во“ и она „вон“ сонот, за жал, ce избиструваат подоцна, пред замаглениот поглед на давеникот, кого вирот го влече на дното. A тогаш трговецот, по обичај, повеќе ја следи сопствената игра, отколку што внимава на соговорникот. Димитар, пак, речиси отсутен, сиот стегнат во брчките на челото: сепак, веќе следната минута, Елена Поп Стојменова задишана и наврната, но затоа уште поведра, втрчува во собата и мојот дедо е пригрлен миговно од надојдениот бран топлина…