Мимоза Несторова Томиќ од Скопје е една од шесте архитектки за кои скоро и да не се знае иако се авторки на клучните проекти на поранешната држава

Мимоза Несторова Томиќ од Скопје е една од шесте архитектки заедно со Светлана Кана Радевиќ, Милица Штериќ, Зоја Думенџиќ, Ада Фелице Рошиќ и со Неда Шиловиќ, кои се најдоа во центарот на вниманието во текст на хрватски „Глобус“ инициран од големата изложба „Кон конкретната утопија“, која беше отворена во средината на јули во Музејот на модерната уметност во Њујорк, посветена на архитектурата на поранешната држава за периодот од 1948 до 1980 година. Изложбата сѐ уште го привлекува вниманието на медиумите, но иако авторката на текстот Лана Буњевац констатира дека „најголемото внимание им е посветено на четворицата архитекти мажи“, таа истовремено и се прашува „што е со жените што го граделе младото социјалистичко општество во поранешна Југославија“?

– Карактеристиките на овдешниот соцреализам придонеле за тоа изложбата да биде насловена „Кон конкретната утопија“, што може да се толкува на два начини: како бетонска, но и како конкретна, вистинска и опиплива утопија. Од Шерефудиновата Бела џамија во Високо, преку реконструкцијата на Скопје по земјотресот, па до станбените блокови на Нов Белград изложбата разгледува теми како што се урбанизација во големи размери, примената на технологијата во секојдневниот живот, консумеризам и споменично наследство, а особeно се издвоени четворицaта архитекти, кои со своето дејствување влијаеле на целото општество. Тоа се Вјенцеслав Рихтер, еден од основачите на групата „EXAT 51“, потоа Богдан Богдановиќ, за јавноста можеби најпознат по споменикот „Камен цвет“ во Јасеновец, потоа соработникот на Ле Корбизје, Јурај Нејдхарт, како и словенечкиот архитект Едвард Равникар, ученикот на Плечник, кој го обликува Плоштадот на републиката во Љубљана – пишува Буњевац.

Иако нивните дела најчесто се споменуваат во многубројните рецензии на оваа изложба, вниманието на кустосите (Швајцарецот Мартин Стиерлиј, главниот кустос на Одделот за архитектура и дизајн на њујоршката „MoMA“, Владимир Кулиќ, професорот по архитектура на Универзитетот во Флорида, кој студирал во Белград и Ана Кац, исто така од „MoMA“) го добија и жените што создавале и што граделе во овој период.
Во есејот објавен во списанието „Метрополисмаг“, авторите Ана Кац и Теодосис Исаиас пишуваат како во наративот на социјалистичка Југославија жената партизанка својата еманципација ја освоила со пушка. Кратко, но точно. Жените во Југославија своите права ги стекнале, пред сѐ, со рамноправно учество во НОВ и тие права потоа влегле во законодавството на новата држава. Првиот повоен устав на ФНР Југославија од 1946 година одобрил полноправно државјанство на југословенските жени и им ги загарантирал гласачките права на сите граѓани без разлика на полот. Сепак родовата нееднаквост не била препознаена како автономно прашање, туку била подложна на општиот дискурс на класната борба и самоуправувањето. Таквиот став го попречувал напредувањето на жените на водечките позиции, а архитектонската струка не била исклучок.

По 1945 година Југославија ја поминала трансформацијата од земјоделска во индустриска земја, што било проследено со големи вложувања во инфраструктурата и планирањето на новите градски населби за да се обезбедат услови за миграција на населението во градовите. Едно од значењата на масовните миграции од селата во градовите бил и идеализираниот имиџ на жената, социјалистичката работничка чиј придонес за државното производство бил еднакво значаен како и оној на работникот.

Таа слика на модерна социјалистичка жена ги избришала етничките и религиските разлики и покажала како превезот на руралните православни жени и марамите на муслиманките исчезнале со влезот на жените во градовите. До 1960-тите години урбанизацијата, животот во становите и нуклеарното семејство во кое двајцата родители биле вработени, а кое станало темелна економска единица во социјалистичка Југославија, значеле дека радикалните промени во женските животи станале интегрален дел на секојдневието, но неплатената работа во домаќинството останала женска задача.

Една од најуспешните архитектки од периодот по Втората светска војна била белграѓанката Милица Штериќ. Чистата структурална форма и комбинирањето на челикот и стаклената фасада бил заштитен знак на нејзините дела. Таа ја дизајнирала познатата зграда Енергопроект во Белград, која по распадот на Југославија била во многу лоша состојба што е судбина на големиот број градби создадени за време на Југославија, а тоа посебно се однесува на спомениците на НОБ од кои некои исто така се претставени на изложбата во Њујорк.

Малку е познато дека Штериќ проектирала и некои од првите електроцентрали толку важни за развојот на индустријата во повоените години. Се разбира не била сама, туку работела како рамноправна членка на инженерските тимови собрани околу заедничките задачи за изградба на земјата, но интересно е дека сите проекти на кои работеле жени не им се нужно припишувани на нивните авторки, но постоеле и исклучоци.

Една од нив била Светлана Кана Радевиќ, првата архитектка во Црна Гора. Дипломирала на Архитектонскиот факултет во Белград, а магистрирала на Универзитетот во Пенсилванија. Во 1994 година станала надворешна членка на Руската академија за архитектура, а до 1999 година била редовна членка на Дукљанската академија на науките и уметностите како прва жена академик во Црна Гора. Нејзино најзначајно дело бил хотелот „Подгорица“ во Подгорица за чија изградба е користен камен од Морача, реката на чиј што брег е изграден.
По разорниот земјотрес во Скопје во 1963 година, важна улога во неговата реконструкција одиграла македонската архитектка Мимоза Несторова Томиќ, која тогаш блиско соработувала со јапонскиот архитект Кензо Танге, задолжен за обновата. Како и многуте архитектки од нејзината генерација и Мимоза Несторова студирала надвор од Македонија (во Белград), но се вратила во Скопје каде што во 1954 година се омажила за архитектот Љубомир Томиќ. Родила две ќерки, а бидејќи била на почетокот на кариерата, одлучила да вработи дадилка.

– Тоа било многу необично за тоа време, особено ако се знае дека многу млади семејства живееле во проширени домаќинства, најчесто со родителите на мажот, а од младите мајки се очекувало самите да се грижат за своето семејство – пишува Мирјана Лозановска, виша предавачка на универзитетот „Декин“ во Австралија, во статијата објавена во книгата „Идеолошки еднакви: Жени архитекти во социјалистичка Европа 1945 – 1989“. Но, Мимоза Несторова и нејзиниот сопруг живееле во сопствен стан, а таа уште еднаш ја отфрлила традицијата кога ѝ ги оставила децата на својата мајка за таа и нејзиниот сопруг да можат да патуваат и да впиваат нови архитектонски знаења. Благодарение на стипендиите на Британскиот совет, ОН и на југословенската влада, ги посетиле Франција, Велика Британија и Ротердам, а се усовршувале на „Беркли“, со посети на Њујорк, Сан Франциско и Чикаго. Од 1953 до 1962 година Мимоза Несторова Томиќ работела на Архитектонскиот факултет во Скопје и заедно со сопругот соработувала на неколку архитектонски проекти, вклучувајќи го и станбениот блок во улицата Алберт Ајнштајн, во кој и самите живееле.

Земјотресот што на 26 јули 1963 година во 5.17 часот го погодил Скопје го разорил градот за само 17 секунди, убил 2.000 луѓе, а уште илјадници оставил без покрив над главата. Околу 81 процент од сите згради во градот биле уништени, но Титовиот повик за помош наишол на голем одзив, така што на врвот од Студената војна Скопје станало исклучителен пример за меѓународна помош, координација и дипломатија.

Реконструкцијата се одвивала во повеќе фази, а на конкурсот победил јапонскиот архитект Кензо Танге, кој толку влијаел на генерацијата млади македонски архитекти, како и хрватскиот тим што го сочинувале архитектот Радован Мишчевиќ и Федор Венцлер. Јапонските архитекти во својата работа користеле макети, па кога Кензо Танге го отпакувал својот конкурсен труд во размер 1:2.000 сите останале вчудовидени, a тоа било важно искуство за Мимоза Несторова, која оттогаш применувала макети во своите идни трудови. Нејзината работа на обновата на Скопје ја вклучувала западната индустриска зона, а со нејзина заслуга останал зачуван во изворен облик и стариот дел на градот, таканаречен Турска чаршија.

Иако многумина ја доживувале првенствено како урбанистка, а дури потоа како архитектка, таа, токму како Танге, никогаш не го делела урбаното од архитектонското, туку на проектите им пристапувала како на тридимензионални и просторни, а тоа и го применила и на своите две подоцнежни дела, обновата на „Сули-ан“ од 15 век, кој исто така страдал во земјотресот и Музејот на Македонија.

Во хрватски рамки првите студентки на Високото техничко училиште во Загреб се запишале во 1920, само една година подоцна по основањето на таа институција. Во таа, прва, генерација архитектки особено се истакнувале Зоја Думенџиќ, која ќе стане хрватско водечко стручно лице за проектирање здравствени установи, како и Ксенија Грисогоно, која во 1930-тите години му била соработничка на Ле Корбизје и целиот свој работен век го поминала во Париз. Зоја Непењина мажена Думенџиќ е родена во Одеса во 1904 година, била ќерка на руски генерал и една од припадниците на многубројната руска емиграција, кои својот дом го пронашле уште во Кралството СХС.

Дипломирала на Техничкиот факултет во Загреб, а уште од студентските денови некои од проектите ги подготвувала заедно и со идниот сопруг Селимир Думенџиќ. Од 1930 година работела како проектантка во Хигиенскиот завод и во Училиштето за народно здравје каде што се специјализирала за објекти со здравствена намена. Меѓу нејзините објекти се издвојува и Детското одморалиште во Цриквеница, а за нејзино капитално дело се смета сплитската Oпштата болница во која секоја соба ја опремила со тераса, а терасите ги поврзала со единствен потег на галерии со поглед на море и на сплитскиот архипелаг.

На истиот факултет во првите години по Втората светска војна дипломирале и Нада Шиловиќ и Ада Фелице, чии трудови биле претставени на изложбата „Архитектонското наследство на риечките архитектки“ пред четири години во Музејот на градот Риека. Иако нивните опуси не спаѓаат во бруталистичката архитектура и тие учествувале во изградбата на повоеното општество, во случајов на Риека. Загрепчанката Шиловиќ во 1948 година била испратена да работи во Градежно-проектантскиот завод, а една година подоцна ѝ се придружила и Фелице. Риека сѐ уште закрепнувала од воените разорувања, а над тоа се соочувала и со неочекуваната емиграција на италијанско население, меѓу кои имало и инженери што требало некој да ги надомести. Шиловиќ и Фелице дале голем придонес во изградбата на градот, Нада Шиловиќ ја потпишува адаптацијата на поранешното италијанско училиште за потребите на Универзитетската библиотека, a Ада Фелице ја проектирала стоковната куќа „Корзо“ како и станбените облакодери во градот, кои за генерации посетители на овој град биле прво визуелно доживување на Риека.


Мимоза Несторова Томиќ: Сепак се ценат архитектонските вредности

Мимоза Несторова Томиќ, која ги следи случувањата на архитектонската сцена деновиве, беше пријатно изненадена и од текстот за изложбата во „МoМA“ во „Глобус“.
– Навистина сум поласкана со моето искуство и минат труд, што многу млади колеги архитекти бараа средба со мене за размена на искуствата и историјата на постземјотресно Скопје. Така, за оваа изложба во „МoМA“ беше избран проектот на музеите на Македонија (автори: К.Муратовски и М.Н. Томиќ). Иако оваа архитектура на музеите не ѝ припаѓа на бруталната архитектура, едноставноста во конструкцијата, динамиката на поставеност на терен и чистите фасадни платна, кои не се бетон туку се природен структуриран материјал, привлекоа внимание во состав на интересната изложбa „Кон конкретната утопијa“. Им се заблагодарувам на колегите архитекти: Joван Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков, кои го подготвија материјалот за неа. Присуството на изложба во престижниот музеј, за мене дури и на оваа возраст, е потврда на мојот став дека вљубеноста во професијата, искреноста во работата, посветеноста и професионалноста секако го потврдува вреднувањето на трудот. Иако во сопствената земја сме сведоци на рушење на модерната, рушење вредности и авторство што оставија квалитетен белег во Македонија, сепак постојат институции и аналитичари што знаат да ја проценат вредноста – рече Несторова Томиќ.