Антологија на песни посветени на поетесата Даница Ручигај

„Недореченост, о проклета да си“ е насловена антологијата на апесни посветени на Даница Ручигај, првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во македонската поезија и литература воопшто. Антологијата е објавена по повод 55 години од нејзината трагична смрт во скопскиот земјотрес во 1963-та, а ја приредија новинарите Свето Стаменов и Искра Чоловиќ.

Тие наведуваат дека изданието е своевидна антологија на факсимили на рачно напишани песни и како таква можеби досега е единствена во македонската литература.
– Антологијата содржи 67 песни на педесетина поети, нејзини содружници и наследници, кои секој на свој посебен начин ѝ искажуваат љубов и почит за сето она што таа ѝ го дари на поезијата. А љубовта и почитта во „Недореченост, о проклета да си“, тие не ја искажуваат само преку секој свој стих, туку и со благородниот чин своите песни да ги напишат рачно, онака како што впрочем Даница најчесто ноќе, чувствувајќи ги поривот и крикот на поезијата во себе, рачно запишувала стихови од кои се раѓале песните од нејзините две стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ (1960) и „Заробеници на ветрот“ (1963) – истакнуваат приредувачите.

Во вториот дел на антологијата, насловен „Меридијани“, содржани се четириесетина препеви на нејзини песни на шеснаесет јазици, почнувајќи од најстарите, кои датираат од крајот на 1950-тите години, па до најновите, од кои повеќето се направени само за оваа антологија и првпат се објавуваат во неа.

– Така, покрај препевите на нејзините песни на српски, хрватски, англиски и на турски јазик што беа објавени во антологии и списанија, во оваа антологија првпат може да се прочитаат нејзини песни, но и да се видат факсимили на рачно напишани препеви, и на словенечки, руски, италијански, германски, шпански, бугарски, албански, унгарски, романски, словачки, ромски и на влашки јазик – посочуваат новинарите Стаменов и Чоловиќ, кои ја приредија и неодамна ја промовираа и антологијата на песни посветени на скопскиот земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“.

Рецензенти на нивната втора антологија се универзитетските професори и литературни творци Васил Тоциновски и Александар Прокопиев, како и амбасадорот на Словенија во Македонија Милан Јазбец. Словенечкиот амбасадор е и покровител на изданието, кое е објавено со финансиска поддршка од Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија.