Краткиот експериментален филм „Крајот на времето“ на режисерот Милчо Манчевски ја доби наградата „Кураторс чојс“ на Американскиот патувачки филмски фестивал за кратки филмови. Филмот е кубанско-американска копродукција, по сценарио и режија на Манчевски, експериментален филм што Кетлин Мекинис, директорката на фестивалот во Аспен, го нарече „хипнотичен и величествен“.

Филмот е прикажан на повеќе од 30 фестивали, музеи и уметнички галерии и има освоено шест награди, меѓу кои и во Аспен и Берлин. Светски дистрибутер на филмот е „Пасифик воис“ од Јапонија. Пред само десетина дена Манчевски беше награден и на годинашниот јубилеен 30. Mеѓународен филмски фестивал во Трст, Италија, каде што му беше доделена наградата „Источна ѕвезда“ за достигнувања во областа на кинематографијата.