Аквааеробик

Во вода е до колена. До него, пет жени и шестата, инструкторката, вежбаат аквааеробик. Левиот лакот треба да го допре десното свиено и кренато колено, потоа обратно – десен лакот, лево колено. Па истото, уште еднаш. Водата помага, претпоставува, со тоа што го отежнува кревањето на нозете. Не, не, грбот мора да остане наполно исправен, исто како и едната нога, високиот глас на инструкторката го надвикува мошне гласниот ритам на дискомузиката од касетофонот, закотвен во песокот на брегот. Сега жените се фаќаат во круг за раце и клекнуваат во водата како за „Ринге – ринге – раја“, потоа, продолжувајќи да се држат за рацете, се подигаат нерамномерно, подбутнувајќи се и со смеа.

Неколку метри подлабоко од нив, гледа како Јана си игра со пластичниот делфин. Делфинот има светлозелена глава и предни перки, мазно сино тело и темножолт стомак со сини и зелени дамки. За да биде сѐ во тон, очите и насмевката му се нацртани со истата жолта боја од стомакот. Испружена со раширени краци врз делфинот, Јана заедно со него лежи врз морето. Има уште нешто – во морето Јана е без очила, што мора да ги носи „на копно“ од својата шеста до четиринаесеттата, заради корекција на видот. Неносењето очила ѝ додава на нејзината расеаност еден вид магличав оптимизам. Меѓу фотографиите од тоа лето, оваа му е најмила. Таа, со насмевка на малолетна сфинга, и делфинот.

Зарем му прилега на возрасен човек да мастурбира со фантазијата? Секако му прилега!
Не морам да ја подигнам десната рака за да се заколнам дека ја зборувам вистината: Јас сум дон Хуан де Марко, најголемиот љубовник на светот, достоинствено се претставувам, без оглед на затапувачко безличните „веродостојни“ документи од типот извод од матично. Ништо не ми значат. Можам предадено и со занес да го живеам својот избор, да уживам во тебе. Откако ќе пристигнам во casa-та, сестрите сè почесто ќе се шетаат по тревникот одвај допирајќи го, а болничарот црнец ургентно ќе замине за Шпанија да учи фламенко.
Има толку „точни“ луѓе, кои го сечат времето на делчиња. А не знаат или не сакаат да знаат, дека сѐ, и така, и онака, ќе се случи.