Изложбата „Жени за жени“, поставена во „Мала станица“, е меѓународен проект во форма на двегодишно истражување на женските уметнички практики на уметниците на териториите на Западен Балкан, а обединува вкупно 25 визуелни уметници од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и од Северна Македонија, а негов иницијатор е Билјана Јотиќ. Првата од двете изложби е реализирана преку селекција на вонинституционални куратори од оваа територија, а во следната фаза ќе опфати поширока територија од Европската Унија. Селектори на уметничките по земји се: Билјана Јотиќ за Србија, Соња Швец Шпањол за Хрватска, Нела Глигоровиќ за Црна Гора, Анамарија Стибиј Шајн за Словенија и Шкипе Мехмети за Македонија.
– Самата тема, која не е нова, наметнува повеќе прашања – Зошто жени? Зошто за жени? Зошто уметност? Зошто регион? Зошто проект? А одговорите се: затоа што само жена знае што и како се чувствува таа. Затоа што жената е субјект, а не објект. Затоа што уметноста е најблиску до вистината и најдемократска форма за изразување. Затоа што е потребно вмрежување. Затоа што треба да се осведочи моментот и да се пренесе пораката базирана на емоции и реалност, на практика, не само на теорија. Темата секако се базира и на потребата да се биде активен индивидуален учесник/учесничка, во креирањето на уметноста и преку тоа и општеството, а не само пасивен објект – вели кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска.
Таа се осврнува и на авторките што учествуваат на изложбата.
– Тања Балаќ ги разгледува прашањата за спомените, слободата, рефлексиите врз единката, припадноста, од позиција на авторска поетска уметничка визија. Ана Лазаревска претставува објект што иницира себеопсервација и рефлексија на себството, преку будење на мноштвото длабоко потиснати прашања. Марија Милошевска комбинира два различни пристапи преку фотографијата и накитот како општествена културна детерминанта на единката. Христина Зафировска преку знаковна игра искажува критика кон константната и растечка вулгаризација на жената како комерцијален објект на репродукција и сексуалност.

Шкипе Мехмети се осврнува на состојбата на жената и нејзината потчинетост дури и во современото општество, преку можните начини на нејзино замолчување во патријархалната средина. Секоја авторка преку свој индивидуален и препознатлив уметнички јазик и низ мноштво различни визуелни медиуми – сликарство, цртеж, фотографија, скулптура, инсталации, видеа, перформанс – говори за константната потреба со цел издигнување на свеста за „внатрешниот женски глас“ или „женски гласови“ во множина, како израз на различните искуства и нужноста од комуникација преку индивидуалните начини на гласно искажување – вели Чанкуловска-Михајловска.
Изложбата „Жени за жени“ е вовед во двегодишно истражување на практиките и териториите на уметниците на Западен Балкан. Обединува дваесет и пет визуелни уметници од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Македонија. Досега, во период од 10 јануари, изложбата ги има посетено Белград, Подгорица, Самобор, Ајдовчина за да стигне до Скопје.