Симон Узуновски, кој почина на 69-годишна возраст во неделата, важи за еден од пионерите на интерактивните инсталации во Македонија. Беше активен на сцената речиси 50 години, а повеќе години живееше и работеше на италијанскиот остров Капри. Во своето збогување со уметникот, ликовната критичарка Соња Абаџиева напиша: „Ќе ни недостигаат многу креативните луцидни дела на овој мајстор на другоста“.

– Почнува да експериментира со обични и кревки/нежни материјали: дрво, селотејп, вода, стакло, весници… Влегувањето во игра на тривијални средства за работа не е само од формална природа туку преку трансформациите на густината, тежината, бојата, структурата, видот итн., тие вршат екстензија на психолошки и сетилен план…

Едноставноста на идејата и спонтаната изведба им овозможуваат на овие дела и денес да ја носат аурата на актуелноста… – пишува нашата реномирана критичарка.

Симон Узуновски е роден во Белград (1949г.), архитект, мултимедијален уметник. Во 1979 г. дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје, а исто така студира историја на уметност на Филозофскиот факултет. Во 1970-тите години прв ги користел во алтернативни простори техниките на асамблаж, колаж и инсталација. Со евтини и краткотрајни материјали (селотејп, плексиглас, весници) создава дела со процесуален и интерактивен карактер (серијата „Тркалајќи“, 1976; „Галичица“, 1976). Учествувал на многу групни изложби и реализирал околу 150 самостојни изложби во разни земји.