Љубовни прдикокоси, за потсеќање

65

Антиупатства за лична употреба

Можеш да ми помогнеш?
А ти, можеш да ми помогнеш?
Што викаш толку?!
А ти, што викаш?

Која ти беше онаа женска сношти во паркот?
А ти, со кого беше?
Какво ти е тоа прашање?
А какво ти е тоа твое прашање?

Те напуштам, мил мој.
Ама зошто сега? Ќе те испратам до Драмски, па ти сврти си лево, а јас се враќам.
Мислев, те напуштам засекогаш.
А бе, не ми е тешко. Ќе те испратам, па ќе си земам автобус за назад.

Сврши?
Остави ме да уживам уште неколку секунди.
Дојди, да те гушнам.
Пушти ме да се одморам. Уште неколку секунди.
Извини што влегов, само да го земам кремот. Продолжи да се тушираш.
Нема проблем. Само вклучи ми го другиот фен. Овој е расипан.
Кој друг фен? Имаме само еден.
Само еден? Косава ми е скроз мокра. Не можам ни миг да сум на раат!

Можеш ли да пукнеш од љубов?
Можеш, ако љубовта е дебела.
Но јас страдам, а се дебелеам. Му простувам сѐ, му дозволувам сѐ. А тој и натаму е виток и згоден.
А која крвна група си ти, а која е тој?

Замолчи. Ти си неверојатно себичен човек. Само на себе мислиш.
Не се нервирај толку, сѐ ќе биде океј.
Како да биде океј, кога ич не ти е гајле за мене. Само ти служам. Дај ми го ова, направи го она.
… Можеби имаш право… додај ми го пепеларникот.

Те молам запри, ми се слоши од овие серпентини.
Важи, еве на првиот паркинг ќе запрам.
Те молам, запри сега, ќе повратам.
А бе, што не ми кажа порано? Ќе застанев уште пред десет минути.
Па зарем е потребен ваков третман кон овој добар човек?
Најпрвин сакаме да ѝ овозможиме на правната служба да расчисти со истрагата околу случајот, а потоа ќе издадеме соопштение.

Но госпоѓи и господа, пријатели, тој со часови седеше во канцеларијата, пред компјутерот и не се помрдна оттаму ни за пауза, сѐ до крајот на работното време.
А кога стигна да направи вонбрачно дете?

Хокус, покус, преварантус.
Хокус, покус, прдикокос.