„Шпанија во срцето“ со врвните Ѓорѓи Димчевски и Рикардо Касеро

209

Македонската филхармонија утревечер во 20 часот ќе настапи на концертот насловен „Шпанија во срцето“ на кој ќе прозвучат симфониската рапсодија „Шпанија“ од Емануел Шабрие, Интродукција и рондо капричиозо од Камиј Сен-Санс, Цигански напеви оп. 20 од Пабло Сарасате и грандиозната Симфонија бр. 1 во Де-дур („Титан“) од Густав Малер. На подиумот како солист ќе застане нашиот и светски виртуоз на виолина – Ѓорѓи Димчевски, кој моментно е концерт-мајстор на Националниот оркестар на Шпанија, а од 2007 година, е концерт-мајстор на оркестарот „Валенсија“, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел.

Како диригент ќе се претстави врвниот маестро Рикардо Касеро од Шпанија, кој диригира со славни оркестри и соработува со светски солистички ѕвезди. Уште еден куриозитет е што на концертот „Шпанија во срцето“ како концерт-мајстор ќе се претстави почитуваниот Благоја Димчевски, професор на Конзерваториумот во Тулуз, кај кого учеле голем број наши и светски виолинисти. „Рикардо Касеро е музичар што аналитички му приоѓа на делото и на подиумот носи длабоко знаење, но, исто така, и интуиција што произлегува од неговата интензивна и плодна кариера“, ќе напише критиката за шпанскиот маестро Рикардо Касеро е музички директор на Оркестарот Реино де Арагон во Шпанија, каде што соработува со солисти како што се Максим Венгеров, Сара Ченг и Наталија Гутман.

Од 2007 година, тој е шеф-диригент и музички директор на Мастер симфонискиот оркестар, а постојано соработува со оркестарот „Валенсија“, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија и активно диригира со речиси сите оркестри во Шпанија, како и со оркестри во Израел и во Франција, остварувајќи блиски соработки со врвни композиторски имиња, меѓу нив и со Марк Ишам, Тревор Морис, Кристофер Јанг, Акира Јамаока… Концерт-мајсторот на Националниот оркестар на Шпанија, Ѓорѓи Димчевски, е еден од највпечатливите претставници на новата генерација македонски музичари со завидна светска кариера. Од 2007 година, тој е концерт-мајстор и на оркестарот „Валенсија“, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел. Оттогаш се етаблира како исклучителен солист, камерен музичар, оркестарски музичар и професор по виолина.