Цртички, 1

132

Подготвувајќи ги „222 антиупатства за лична употреба“, собирајќи некои подзаборавени од нив по исто така подзабутани нотеси и тетратки на коцки, ќе наидев на ситни белешки, недоволни да влезат во книгата, но сепак симпатични за да не бидат уништени:
* * *
Навидум сосема обичен изглед, а дипломат од кариера – можеби неговата незабележливост беше важен предуслов за успешноста во неговата професија, како во некои добри шпионски романи кај главните јунаци – преовладуваат тивко присутни типови, од втор план, што следат и прислушуваат без напрегање, дури и љубезно, а оние на кои успеале да им ги извлечат тајните, не им ги помнат лицата.
* * *

По посетата на зградата во Гаева 23, каде што моите во нивниот загрепски период живееле повеќе од пет години како потстанари кај другарот Мариќ (одамна не е жив), кој во приземјето имал свој слаткарски дуќан, во еден стар тефтер на мајка ми (можеби уште од Загреб) наоѓам рецепт за кнедли со сливи, под кој, со нејзиниот педантен ракопис, е допишано „од газдата“, а веднаш потоа „Рецепт против кашлица“, подреден во следните упатства:
4 селски јајца се ставаат во стаклена тегла
Се прелеваат со 1 литар
исцеден лимон
Теглата е покриена со газа
Јајцето станува порозно – индиректна светлина
За неколку дена ќе се
стопи лушпата
Јајцата ги матиш во
лимоновиот сок
Го цедиш сокот
Се додаваат мед и рум
Го пиеш трипати на ден, по една голема лажица
Вметнувањето второ лице еднина во упатството ме наведува на помисла дека е користено за јакнење на организмот на некој близок, со нежно здравје, едновремено тука до неа, присутен. Татко ми.
* * *
Ноќен директен воз Белград – Скопје, туристичка класа со три лежаи (меѓу кушет со 6 и спална со 2). На долниот лежај, познатиот спикер на скопското радио, чиј впечатлив одмерен бас толку оди со неговата издолжена коњска фаца. На горниот – јас. Средниот беше наместен, но без патник, ќе ни се придружи дури во Ниш, нѐ извести кондуктерот, кој влезе да ни ги провери билетите и да ни посака „добра ноќ“.
Се будам, среде ноќ, на средниот кревет ’рчи човек, кој, се напрегнав во темницата, успеав да видам дека е ќелав. И со доста крупно тело, што, под чаршафот, ја заземаше целата поврвнина на креветот.
Вторпат се разбудив кога возот го беше поминал Куманово, утринската светлина веќе навлегуваше во купето, а спикерот со моќниот бас си потпевнуваше бричејќи се.
Средниот кревет беше среден како никој да не спиел во него.
– Дали видовте некој да беше со нас тука, во купето? – го прашав мојот сопатник.
– Не – рече спикерот со пена на лицето – Иако… иако… како во полусон ми се причини дека наслушнав како некој дебел, навистина дебел човек ’рчи. А тоа, без навреда, не можеше да бидеш ти – ме погледна малку од високо и се насмевна.