Хаику од скопскиот парк

207
Александар Прокопиев

Старец во паркот.
Пожолтено лисје гледа
Со дипли од брчки.

Дете во ЗОО-градина
Сретна гладен волк. Викна:
– Глеј, волкот се смее!
Букет на клупа.
Дар за следниот
Тажен шетач.

Клупа во паркот.
Дечко и девојка. Секој
На својот мобилен.
Под борот, верверичка.
Ја видов читајќи
хаику за штурецот.

Капка дожд
самотна на дланка
– средба со чудо.

Паркот пуст.
А на полјаната – едно дрво
со две шумни гнезда.