Фасциниран сум од апсурдот во транзициските општества

248

Владимир Блажевски на Фестивалот на европски филм на Палиќ

Македонскиот филм „Година на мајмунот“ на режисерот и косценарист Владимир Блажевски, кој беше прикажан во Главната програма на 25. Фестивал на европски филм на Палиќ, ги комбинира комедијата на апсурдот, политичката сатира и своевидната бајка во приказната за мајмунот избеган од зоолошка градина, неговиот чувар и пријател и низата живописни ликови што ги следат во необичната авантура.
Режисерот на конференцијата за новинари во Палиќ изјави дека неговата намера била да направи бајка, но не за деца, туку во смисла на малку стилизирана стварност, бидејќи, како што додава, оваа приказна како социјална драма нема шанса.
– Настојував филмот малку да побегне од мрачната стварност, да го идеализира тој грд свет и бајковитоста да биде некое пакување на една во суштина можеби и тажна приказна – рече Блажевски.
Тој додава дека хуморот бил баланс, по одамна познатиот принцип на контрапунктирање.

– Секогаш горчливи лекови се пакуваат во некоја слатка обланда. Овде хуморот не е за забавување на публиката. Тука тој служи како амортизер на некоја претенциозност или патетичност што би можела да ја носи социјалната драма – вели режисерот.
Случајот на мајмунот Коко предизвикува различни реакции и манипулации од граѓаните, националните заедници, управата на ЗОО-градината, медиумите, опозицијата… кои сите заедно создаваат метафорична и доста невесела слика на општеството во транзиција.
Како базична инспирација, Блажевски ја наведе „фасцинираноста од апсурдот во опкружувањето и на тоа ниво лудилото што чекор по чекор нѐ преплавува, така што на крајот стануваме имуни, неосетливи, како хипнотизирани. Во врска со тоа го споменува и фамозниот урбанистички проект „Скопје 2014“.

– Тоа надреалистичко лудило едноставно треба да се види, не вреди да се објаснува. Меѓутоа слични манифестации на апсурдот забележуваме на планетата, не само во таканаречените транзициски општества – изјави Блажевски во Палиќ.
„Годината на мајмунот“ по премиерата на „Скопскиот филмски фестивал“ е промовиран во Москва и во Шангај.

– Тоа не е баш балканска атмосфера, но е некоја транзиција. Следниот фестивал е Приштина, исто така наша тажна балканска приказна. Потоа Херцег Нови и на уште неколку регионални фестивали, а дури наесен имаме покани за некои фестивали во западниот свет. Тогаш ќе видам како таму дејствува филмот, дали ќе ги препознаат нашиот хумор и нашите проблеми – вели Блажевски.

Инаку, на фестивалот во Палиќ, кој заврши на 20 јули, со свеченото доделување на наградите, оваа година во главната натпреварувачка програма учествуваа 13 филма, од кои 12 беа во трката по награди. Фестивалското жири за главната натпреварувачка програма работеше во состав: Јешим Устаоглу (Турција), Рина Шилдос (Естонија), Аисте Диржуите (Литванија), Михаела Кезеле (Германија) и Стефан Арсенијевиќ (Србија).
Тие едногласно одлучија наградата „златна кула“ за најдобар филм да му ја доделат на филмот „ Тони Ердман“, на режисерката Марен Аде, филм што говори за замрсените односи меѓу таткото и ќерката, прикажан низ хумор. Тоа е всушност приказна за односите татко и ќерка во овој современ отуѓен свет, кој е во постојана трка по успех.
Наградата за најдобра режија „Палиќка кула“ му припадна на познатиот романски режисер Кристијан Мунгију за неговиот филм „Матура“. Наградата на публиката, статуетката „горчлив лист“, ѝ припадна на унгарската крими-комедија „Убиец со чисто срце“ на режисерот Атила Тил.