Фамозната Полина, вечната љубов на Достоевски

327

Големите писатели и нивните сопруги и љубовници (2)

Големиот руски писател Фјодор Михајлович Достоевски имал две венчани жени и многу љубовници, но само една од нив, станувајќи прототип за неколку лика во неговите најважни, светски познати романи, не можел да ја заборави до крајот на животот. Станува збор за фамозната Аполинарија Прокофјевна Суслина, позната како Полина, вечната љубов на Достоевски

Во своите интимни писма, руските писатели, за разлика од таканаречените западноевропски, обично се задржуваат на поезијата или на пејзажот, а многу ретко на „топографијата на женското тело“. На пример, во јуни 1880 година, значи токму во годината кога умрел Флобер, Иван Сергеевич Тургенев пишува чудно писмо до многу помладата Марија Гавриловна Савина: „Мила Марија Гавриловна, цел живот е пред вас, а мојот е веќе зад мене. Дали се заљубив во вас, не знам; порано тоа кај мене беше поразлично. Нашата средби во вагонот, мигот кога се почувствував скоро како дваесетгодишно момче, беше последното пламенче во кандилото што се гаси. Не би ви го пишувал ова писмо, мила Марија Гавриловна, ако не би чувствувал дека е проштално. Вратата што малку се подотвори; вратата зад која се наѕираше нешто таинствено, се затвори засекогаш. Мила Марија Гавриловна, не морате да ми одговорите на ова писмо… И, ве молам, не возбудувајте се. Вакво писмо веќе нема да добиете“. Младата убавица се обидела да ја продолжи преписката, но Иван Сергеевич веќе немал ни сили ни време за тоа. Умрел три години подоцна, во 1883 година. И вратата „се затворила засекогаш“.

Големиот руски писател Фјодор Михајлович Достоевски имал две венчани жени и многу љубовници, но само една од нив, станувајќи прототип за неколку лика во неговите најважни, светски познати романи, не можел да ја заборави до крајот на животот. Станува збор за фамозната Аполинарија Прокофјевна Суслина, позната како Полина, вечната љубов на Достоевски. Според многумина, жена-фурија, зла жена, змија отровница, која ништо друго не правела туку само му го загорчувала животот на генијалниот руски писател. Без сомнение, Аполинарија била жестока дама, но ни Достоевски не бил цвеќе за мирисање. Не само што боледувал од епилепсија туку бил и страстен коцкар, кој на рулет ставал сѐ, до последната копејка, до ѓерданот и часовникот, до прстените и брошевите на своите жени и љубовници. А згора на тоа, требало да се издржат и неговата љубомора, тешкиот карактер и навиката да го потценува туѓото мислење, сметајќи дека само тој секогаш е во право. Во секој случај, сите што го критикуваат однесувањето на Суслина, сепак, признаваат дека без неа Достоевски не би станал писател каков што станал. И самиот ја сметал за една од најзначајните жени на епохата.

Според д-р Борис Соколов, филолог, историчар на книжевноста и книжевен критичар, Достоевски и Суслина првпат се сретнале пролетта 1861 година. Средбата со Суслина го променила целиот негов живот, извршувајќи одлучувачко влијание на неговото творештво па и на самиот живот. Меѓутоа, љубовта само кратко време им донела среќа. Повеќе се мачеле еден со друг отколку што си подариле убави моменти. Во време кога ја сретнува неа, Достоевски веќе четири години е женет со својата прва сопруга, Марија Дмитријевна, која била тешко болна, а со Полина се држеле до принципот – не криј, не лажи, не биди лицемер; сакај додека сакаш и оди си кога ќе престанеш да сакаш. Затоа таа постојано барала нејзиниот сакан да се разведе од својата „болна сопруга“, а тој во никој случај не сакал да го направи тоа додека неговата жена е во таква состојба. „Аполинарија е болен егоист“, пишува Достоевски до својата сестра. Во април 1864 година Марија умира, а тој го презема старателството врз нејзиниот син од првиот брак, Паша Исајев. По смртта на Марија, во отсуство на Аполинарија, Достоевски има една мошне авантуристичка љубовна врска со Марта Браун, побегната сопруга на еден американски морнар. Марта, која всушност била Јелизавета Андрејевна Хлебникова, била жена што уживала во авантури, престојувала многу европски земји, живеела во Париз, Марсеј и Гибралтар, менувала љубовници како ракавици.

Се дружела со лажговци, крадци и разбојници од голем формат, а на крајот успеала да му стане љубовница и на ’коцкарот‘ Достоевски. Сепак, нивната врска траела само два месеца. Во меѓувреме Достоевски се запознава со Ана Васиљевна Круковска, интелигентна, убава, висока, складна, со крупни зелени очи, мека руса коса, сплетена во две плетенки, убаво воспитана, остроумна и темпераментна девојка, но познанството не преминува во интимна врска. „Ана Васиљевна е една од најдобрите жени што сум ги сретнал во животот, со високи морални принципи, но нејзините убедувања се целосно спротивни од моите, затоа од сѐ срце ѝ посакувам да сретне човек со исти погледи, со кој би била среќна“, пишува Достоевски. Но да се вратиме на Полина: во Петербург стигнала во 1865 година, а Достоевски, овој пат, по смртта на својата прва сопруга Марија Дмитријевна, веднаш ѝ предлага брак. Аполинарија во својот дневник ќе запише: „Тој веќе одамна ми ја нуди својата рака и со тоа само ме лути!“ И не само што ги одбила сите понуди на Достоевски за брак туку барала засекогаш да престане со такви глупости, затоа што заедничка иднина за нив двајцата никогаш нема да има. Иако љубовната врска прекинала, Достоевски никогаш не ја заборавил, секогаш затреперувал кога некој во негово присуство ќе го спомнел нејзиното име. Во своите романи, во многу впечатливи ликови, ги вградил нејзините црти и до крајот на животот не можел да се ослободи од спомените на својата неверна, необуздена, но сѐ уште посакувана љубовница. Благодарејќи на неа ја запознал психологијата на тогашните девојки и момчиња со нихилистички убедувања, кои станале јунаци и антијунаци во неговите романи. Самата Аполинарија станува прототип на сестрата на Расколников во „Злосторство и казна“, потоа на Настасја Филиповна и на Аглаја Јепанчина во „Идиот“, Полина во „Коцкар“, Лиза во „Зли души“, Грушењка и Катарина во „Браќа Карамазови“.

Самиот однос на Мишкин со Настасја Филиповна во голема мера е пресликан од вистинската врска меѓу Достоевски и Суслова. Меѓу проучувачите на Достоевски нема дилеми дека никој духовно не го мачел така како што го мачела Аполинарија, но и никоја како неа не влегла во вечноста преку неговите бесмртни дела. Дури ни втората сопруга, Ана Грегориевна, младата стенографка, која се вљубила во него додека ѝ го диктирал својот роман „Коцкар“, никогаш, ниту со еден ред, не е влегла во неговите дела, никогаш ниту со една своја карактеристика не му послужила како прототип за некој од неговите ликови во романите, но само таа искрено ќе му каже „јас ве сакам и ќе ве сакам целиот живот“. Многу година подоцна Виктор Борисович Шкловски ќе запише: „Достоевски сакаше да биде лебед во магла“, а самиот Достоевски, пак, во својот дневник како да му одговара: „Мртвите се лишени од заборав и нив вечно ги мачи мислата за неизвршените подлости“. Пред смртта изгубил свест, а кога малку се повратил побарал да му викнат свештеник. Тогаш ги повикал кај себе Ана и децата. Ги благословил, им посакал да живеат во мир и во љубов. Децата излегле расплакани, а во собата останале сами тој и Ана. Неколку мига само ја гледал, а потоа се заблагодарил за среќата што му ја подарила, извинувајќи се за навредите што ги претрпела: „Запомни Ана, секогаш жестоко те сакав и не сум те изневерил, дури ни во мислите.“ Потоа си ги избришале солзите еден на друг и ги викнале децата за да се прости со нив. Умрел вечерта во осум часот и триесет и осум минути на педесет и деветгодишна возраст. По смртта на својот сопруг, Ана Грегориевна си дала збор: сите денови што ѝ остануваат од животот ќе му ги посвети на Достоевски. Седум пати ги преиздала неговите собрани дела, и на сите им пишувала биографски белешки.

Големиот писател Лев Николаевич Толстој, кога прв и последен пат ја видел, не ја криел восхитеноста од толку големата и толку искрена љубов на Ана кон својот покоен сопруг: „Многу писатели би биле среќни кога би имале сопруга како тебе“, рекол Толстој а таа со возбуда, но и со солза во окото, му одговорила: „Мојот сопруг беше добар, великодушен, милосрден, справедлив, некористољубив, деликатен, сострадалник – како никој друг. Ах, каков сопруг беше тој! Колку ме сакаше, колку јас го сакав!“
И каква иронија на судбината! Сопругата на Достоевски, Ана Грегориевна, починала во 1918 година, истата година кога умира и Аполинарија Суслова, љубовницата на Достоевски, онаа што засекогаш останала во неговите романи! Ана имала 71, а Полина 78 години!

Блаже Миневски