Уметникот Свилен Стефанов изложува во КИЦ на Македониjа во Софиjа

42

Во галеријата на КИЦ на Македонија во Софија е отворена изложба на ликовниот уметник Свилен Стефанов. По „Изгубени простори“ на Марјан Ѕингаров, оваа втора изложба од проектот „Поврзување“ на КИЦ е во духот на поврзувањето на творештвата на авторите од Македонија и од Бугарија.
Свилен Стефанов (1966, Софија) е ликовен уметник, историчар на уметноста, критичар и куратор. Живее и работи во Софија. Своето академско образование го добил во Националната ликовна академија во Софија. Професор е по историја на уметноста на 20 век во Националната ликовна академија, доктор по теорија и историја на уметноста.
– Моето сликарство е резултат од доволно долго искуство на полето на самата материјалност на оваа уметност, но неспоредливо повеќе, тоа е последица од моите занимања со теоријата и историјата на уметноста, како и со мојата дејност како ликовен уметник во 1990-тите, кога преферираните мои изразните средства беа фотографијата, текстот и перформансот.

Уште во последната деценија од минатиот век бев меѓу основачите на идеологијата на групата Икс-икс-ел, преку која нашата современа уметност доби ново звучење, различно од постојните тогаш „социјалистички“ парадигми, или од наметнуваниот (од определени средини) како задолжителен за „современиот уметник“ неоконцептуализам. И денес, сосема со умисла, работам во полето на ликовното, кое е поврзано со традицијата, но тоа е повторно дел од моите разбирања за независност – вели уметникот.
Неговото сликарство е наративно и на прв поглед раскажува различни „истории“, но логичките нишки на таа тематичност се намерно прекинати. Во нив нема нешто што по некаков начин би можело да биде обврзано со конкретност од животот.