Уметникот како активист – слободен или мобилизиран граѓанин?

748

Во обид да се проникне помеѓу естетското и политичкото, барајќи полни семантички вредносни вертикали во уметничката продукција, која сепак ќе сноси општествена одговорност, на неодамнешната трибина се начнаа разни полемики и прашања, меѓу кои и она за критичноста, која може патем да се изгуби при нужните соработки помеѓу независниот културен сектор (граѓанскиот) и власта

Натали Рајчиновска Павелска

По повод дваесет и петгодишнината од нејзиното постоење во Македонија, Фондацијата отворено општество во дводневен циклус отворено го постави прашањето за неискористената моќ на уметноста и културата за општествени промени, преку панел-дискусии и кооперативни работилници, во кои учествуваа наши видни уметници и интелектуалци, како и културни работници од САД, Австрија и Косово. Во обид да се проникне помеѓу естетското и политичкото, барајќи полни семантички вредносни вертикали во уметничката продукција, која сепак ќе сноси општествена одговорност, се начнаа разни полемики и прашања, меѓу кои и она за критичноста, која може патем да се изгуби при нужните соработки помеѓу независниот културен сектор (граѓанскиот) и власта.

Сведоци сме на аморфната доба во последните неколку години, од која изникна послушност за поддршка на културата, меѓу другото и за проектот „Скопје 2014“, во обид да се создадат нови идентитети и возможен зародиш на артифициелни вредности. Оние на кои најмногу им беше потребна афирмација во изминатиов период, а беа вечно заборавени или никогаш не излегле во белиот свет, лепливо ги прифатија истите тие предизвици, на тој начин станувајќи поклоници на една незаборавна идеологија.

Преостанатите културни работници и уметници, „непокорените и непокорливите“, останаа неми и горки во својата одржлива егзистенцијална удобност, чекајќи подобри времиња. Како резултат на сиот тој молк, барајќи за себе возможни подобности и потенцијали во тивката присутност, „тогаш неопределените“ отстапија навистина широко поле за реализација на една културно-политичка агенда што остана засекогаш впишана во нашата историја. Неизвесноста наталожена речиси една деценија го поттикна интелектуалниот субјект во потрага по моќ, која би ги употребила расположливите алатки за дејствување преку културата, посочувајќи на уметникот како возможен прогенитор на идните социјални промени и движења.
Познавајќи ја во својот историски континуитет, терминолошката одредница – моќ, начинот на кој се повикува е сосема легитимен и можеби единствениот возможен проток до конкретни поставености во општеството. Но, едновремено треба да се знае дека истата таа моќ – нетрпеливо стекната, секоја наредна поголема моќ, ќе ја избрише. Ова видување накратко нѐ насочува кон одново прочитаната и препрочитаната марксистичка теорија, која дури и денес во екстензии се возобновува од интелектуалниот поредок, кој не гледа други возможни методологии. За оние што тешко чекореле по својот пат до успехот, сѐ уште важат истите стари правила: до универзални вредности што заслужуваат авторитативна покорност се доаѓа на потешкиот и подолгиот пат, за некои тоа значи – животно искуство.
Теодор Адорно, еден од најосамените патници, до крајот на својот живот си го поставувал прашањето дали нешто постигнал преку своето дело. Иако знаеме дека сето свое непосредно влијание го достигнал во својот животен век, Адорновата критичка теорија ефективно ги порекнува можностите на спонтаноста и плурализмот, слободата и новите почетоци, како и сите човекови капацитети што го чинат хуманизмот возможен.

Целината како конзистентност на идентитети препознава различности и артикулација на специфичности, па оттука интелектуалецот, независно во која област припаѓа, неопходно е да поседува изграден став за општеството во кое живее, но тоа не значи дека на својот интелектуален труд треба да му даде политичката препознатливост ниту, пак, дека политичката независност треба да биде пренагласена. Субјектот што твори секогаш треба да има отворена критичка јасност кон секоја форма на идеологија што се појавува како колонизатор на неговите идеи. Својот став треба гласно да го кажува, не да го крие, ниту да го потиснува, но тоа не подразбира неопходно вградување на истиот во неговите созданија. Уметноста има своја сопствена религија и таа не смее да биде контаминирана.

Креирајќи на сопствен начин „опус магна“, интелектуалецот ќе создаде достојни места за положување на сопствената мисла. Така било отсекогаш, најсилните движења во интелектуалните кулоари во француското урбано милје, уште од крајот на Втора светска војна, сериозно ги поместија историските процеси, кодирајќи ги новите слободни вредности, испраќајќи силна порака до своите современици да го напуштат својот елитен статус и да се вклучат во политички активизам, не барајќи си место во општеството – нивниот статус бил одамна изграден и воспоставен. Спротивно на француското социјално движење, германските филозофи многу поодамна ги поставија критичките вредности во книжевниот домен, следејќи го патот на мислата низ вековите, литературно обраќајќи се преку одново и од почеток расудување на вечните теми. Сите тие процеси консеквентно донесоа промени во општеството.

Во потрага по слободно општество, и уште позначајно за неговите пишувања – во потрага по индивидуалната слобода, Исаја Берлин, руско-британски социјален теоретичар, филозоф и историчар, позитивната слобода ја идентификува преку автономијата на индивидуата, не преку успешно остварување на целите, кои индивидуите рационално си ги поставуваат. Ваквиот концепт посочува кон пурализам, инкомпатибилност на човечките вредности и нивната размена. Во оваа точка, се поставува прашањето дали активизмот како рационална определба на уметникот може да донесе вистинска вредност и поместување – едновремено историско-културна и индивидуална. Или таквата определба би требало да му припадне на социјалниот синџир на себепоставување на индивидуата/уметникот во општествените процеси како воспоставена вредност на човековиот потенцијал?

Од друга страна, социологот Улрих Бек, во своето дело „Општество на ризици, на патот кон различната модерност“, посочува на животот на поединецот како поле за посветеност кон активност. Темелите за ова дејствување ги наоѓа во секојдневниот живот, гледајќи на социјалните кризи како индивидуални кризи и неуспеси. Токму затоа во потрага по морални вредности поединецот е повикан во политичко-социјален ангажман, активност што ќе му обезбеди подобра ориентација.
Имајќи ги сите расположливи вистини за мимолентноста на активизмот низ историјата, како дејствување што може трајно да ги раскорени бирократските вмрежувања, децентрализација на моќта, институционална рамнотежа…, сепак останува отворено прашањето за успешноста на симбиозата на уметникот и активистот во една субјективна преслика, и неговата историска важност во сопствената зона (уметничката), и неговата улога како возможен носител на придвижувањето на општествените процеси.

Изборот на гостите од страна на Фондацијата отворено општество, во една интердисциплинарна рамка, покажа повеќе аспекти на дејствувањето на избраните уметници во рамките на својата супспецијалност. Во обид да најде најпрагматичен, воедно и најмоќен медиум за пренос на сопствените ставови и идеи, австрискиот уметник Оливер Реслер во најголема мера користи документиран видеоматеријал, кој се обраќа кон гледачот низ една изградена наратива и сценарио што ја допира социјалната категорија, лоцирајќи ги доминантните проблематики на општеството генерално. Овој уметник е исклучително посветен на социополитички теми, во своите дела – најчесто создадени во јавен простор, создавајќи инсталации, изјави, концептуални дела, кои допираат актуелни теми на денешницата – расизам, миграција, генетски инженеринг, форми на отпор и социјални алтернативи. Од друга страна, пак, американскиот уметник Стив Ламбер, убедлив говорник, ги истражува неисцрпните можности и генеологија на активизмот, поттикнувајќи на тој начин критичка мисла кон проблематиките, истакнувајќи дека фокусот кон нештата е основниот двигател што поттикнува размисла и консеквентно води кон решение. Додека, пак, активистичката група од Приштина, Хавеит, отворено и гласно проговори за проблемите што се раѓаат во допир со слободната мисла и акција во јавниот простор, во цивилизација што бавно се демократизира.

Опфаќајќи го доменот на уметноста, активизмот преку различни појави и обликовни постапки несомнено го проширува полето на обраќање на уметноста, на тој начин барајќи одново преиспитување на расположливиот материјал, медиумската податливост и конечно смислата на уметноста во историскиот корпус и нејзиното возможно просудување.
Ова дело произлегува од мобилизирано јавно движење на плоштадот „Карл Маркс“ во Берлин во 1972 година, кое се одржувало за време на годишната парада за Први мај.
Во специјални кесиња наменски печатени се положувале отпадоци како синоним за нагласување на принципите на директна демократија, кои би можеле да го заменат монополот на држави под партиско раководство во капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток. Бојс расправал за тоа како Маркс го редуцирал процесот на либерализација во борба помеѓу класите, базирано на критика на капитализмот, кој ги игнорирал важните аспекти на доминација и ја запоставил индивидуалната улога на поединецот. Марксистите барале подобрување во општеството преку воспоставување диктаторска моќ врз економијата, културниот и социјалниот живот низ државата, но во реалност, тоа било возможно само преку децентрализација на поединци во социјалниот и економскиот ред.