Украдено ремек-дело старо 500 години пронаjдено во плакар во Неапол

156

Вработените во музејот од кој е украдено делото не ни знаеле дека сликата исчезнала затоа што просторијата не била отворена со месеци поради пандемијата

Слика стара 500 години е откриена во стан во Италија и вратена во музеј, чиј персонал не ни знаел дека е украдена, пишува Би-би-си. Копија од познатата слика на Салватор Мунди, за која се верува дека ја насликал Леонардо да Винчи, беше пронајдена во плакарот на една спална соба во Неапол.
Се верува дека оваа копија е насликана од еден од студентите на Да Винчи. Сопственикот на станот е уапсен под сомнение дека криел украдена стока, соопшти полицијата.
– Сликата е пронајдена во саботата благодарение на брилијантната и вредна полициска акција – изјави за новинската агенција АФП, неаполскиот обвинител Џовани Мелило.
Уметничкото дело е дел од колекцијата на Музејот во црквата „Сан Доменико Маџоре“ во тој град. Но Мелило вели дека официјалните лица не биле свесни дека е украдена затоа што просторијата каде што се наоѓала сликата не била отворена веќе три месеци поради пандемијата на коронавирусот. Не е познато кога е украдено уметничкото дело, бидејќи никој не пријавил дека недостига, но музејот соопшти дека сликата била сигурно во музејот во јануари минатата година. Полицијата сега ги испитува околностите на кражбата, но во музејот нема траги од кражба.

– Веројатно станува збор за кражба нарачана од организација што се занимава со меѓународна трговија со уметност – рече Мелило.
Не е познато кој го насликал уметничкото дело, но некои експерти веруваат дека ученикот на Леонардо, Џакомо Алибранди, можел да го стори тоа во раните 1500-ти години.
На сликата е претставен Христос со крената рака, а во другата држи стаклено топче. За да биде мистеријата поголема, дури и за оригиналната слика, некои се сомневаат дека тоа е навистина дело на Леонардо да Винчи. Леонардо починал во 1519 година и зачувани се помалку од 20 негови слики.
Оригиналниот „Салватор Мунди“ имаше голема козметичка репарација – плочата од орев беше продупчена од црви и се чинеше дека во еден момент ќе се преполови. Напорите за враќање на делото во првобитната состојба резултираа и со нови абразии. Тоа, сепак, не им пречеше на купувачите, а сликата стана најскапата досега продадена кога на аукција во 2017 година достигна рекордни 450 милиони долари. Неидентификуван клиент учествувал во наддавањето по телефон, кое траело речиси 20 минути.