Три лекции што може да ги научиме од сликите на Едвард Хупер

108

Мајстор на меланхолијата и самотијата

Сликарот на самотијата и меланхолијата, Едвард Хупер повторно е во фокусот на јавноста во овие денови на физичка дистанцираност и самоизолација. Се смета дека американскиот реалист, иако живеел во сосема друга доба (1882-1964 г.), со своите визии на осамената меѓувоена и повоена Америка многу прецизно го детектирал сентиментот на сегашниот миг.
Сликите на Хупер се споделуваат на социјалните мрежи, и одеднаш сите забележуваат дека денес светот изгледа како на неговите славни дела: „Автомат“ (1927), „Ноќни птици“ (1942) или „Утринско сонце“ (1952). Настанати меѓу 1920-тите и 1950-тите, тие дишат речиси со непријатна осаменост, па, како што појасни еднаш и самиот уметник, го одразуваат карактерот на народот. Тој карактер, се чини, денес е карактер на целиот свет што се распространи брзо како коронавирусот, придонесувајќи за и онака моќната американска глобална културолошка доминација.

Во желба да го прикаже колективното чувство на своето време, отуѓеноста на модерниот човек, Хупер успеал да го прикаже и духот на 2020 година, во која светот се наоѓа среде глобална пандемија, во денови на самотија, беспомошност и страв. Ја коментирал еднаш сопствената работа со зборовите дека „претставата на осаменоста е претерана“, но неговите слики претставуваат нуклеус на современиот начин на живот и можат да понудат утеха во деновите на изолација. Според списанието „Дејзд“, ова се лекциите што можеме да ги научиме од сликите на Хупер.

1. На сите им е исто
Само до пред неколку недели многумина од нас живееја и работеа со брзо темпо, во френетичниот свет со премногу кофеин и илјада обврски и редовно се возеа во пренатрупаниот често нехигиенски јавен превоз. Денес многумина од нас се сами, работат од кревет, а најмногу жалат за тоа што не вложиле повеќе во удобни пижами и тренерки. Сосема буквално, животот почнува да ни личи на самотниот ентериер на Хуперовата слика „Утринско сонце“, на која е неговата сопруга Џозефин Јо, која ја довршил кога имал 70 години. Опсипана од сонце, Јо изгледа отсечено од надворешниот свет, а, како и сите слики на Хупер, и оваа е речиси фотографски реалистична. Ликовите на Хупер, по правило, се мали и небитни во однос на урбаниот пејзаж во кој се затекнати. Денес нема некој што не се чувствува мало и небитно во однос на целата ситуација, како ситни риби во глобалната пандемија, оставени на милост и немилост на природата, над која немаме апсолутно никаква контрола. Од друга страна, сликата е неверојатно утешна. Нѐ потсетува дека на сите ни е исто, сите сме во некоја слична соба во која се грижиме над иднината на човечкиот род.

2. Современиот живот и претходно беше осамен
Осаменоста се чини е обележје на современиот живот, особено во големите градови. Оттука и феноменот на зависност од социјалните мрежи. Неизмерната осаменост е опиплива и на сликите на Хупер, што е веројатно поради тоа што неговите дела се ценети во целиот свет, остварил и значаен комерцијален успех за време на животот. Го прифатија прво филмските автори како Хичкок, кои отворено се повикуваа на неговата работа, а ги инспирирале неговите прикази на хотелски соби, бензински пумпи… Врз темелот на неговите слики неодамна починатиот австриски режисер и уметник Густав Дојч го сними филмот „Ширли: визии на реалноста“, а нималку не чуди што Дојч по професија бил архитект, бидејќи токму Хуперовиот приказ на архитектурата, односно односот на човекот и архитектурата, како и на архитектурата и природата, е она што фасцинира во филмот. Хупер, како многу други, го романтизирал концептот на осаменост. Писателката Џојс Керол Оутс ја опишала неговата иконична слика „Ноќни птици“ со зборовите дека тоа е „најзагрижената, бесконечно реплицирана романтична слика на американската осаменост“. Речиси осумдесет години подоцна сликата повторно е репродуцирана, но овој пат испразнета од и онака малобројните ликови и бои. Многумина веруваат дека за време на коронавирусот ова е слика на нашето секојдневие.

3. Уживање во мирот
Поголем дел од животот се борел со депресија, а неговите дела зборуваат за неговиот внатрешен свет, како и за внатрешниот свет на многумина што се борат со проблемите на менталното здравје, што е една од клучните теми во текот на кризава. Хуперовиот близок пријател Волтер Титл еднаш напоменал дека славниот сликар страдал од долги периоди на непобедлива инерција, со денови седејќи пред платното беспомошен и несреќен, неспособен да ја крене раката и да го прекине урокот. Од друга страна, Светската здравствена организација уште лани тврдеше дека ќе дојде до „глобална пандемија на преголема зафатеност со работа“, а оваа ситуација, како и Хуперовите слики, иронично, нѐ потсетува дека некогаш треба да седнеме и да застанеме.

Нашето време очигледно не е помалку турбулентно од она во кое живеел Хупер, а тоа било времето на Шпанскиот грип од 1918 г., економски пад што го донела големата депресија во 1930-тите, како и двете големи светски војни. Она застрашувачко и несигурно надвор, го инспирирало да слика фигури изолирани во опкружувањето на сопствената тешкотија. Она на што Хупер може да нѐ научи е тоа дека иако се чувствуваме бескорисно кога седиме дома, неспособни да ја контролираме пандемијата околу нас, засега е најпаметно да пронајдеме мир во сопствениот внатрешен свет.