Триесет години по смртта Мејплторп со изложба во „Гугенхајм“

55

Славниот музеј „Гугенхајм“ ги изложува делата на контроверзниот фотограф Роберт Мејплторп, а неговата љубов и муза, славната музичарка Пети Смит тврди дека баш тој на „хомосексуалноста ѝ дал сјај, мажевност и завидна благородност во вечната потрага по машките искуства“.

Во американската уметност не постои автор што побудил толку контроверзии како што го направил тоа фотографот Мејплторп, кој почина во 1989 година од сида, пред неговите машки и женски актови, особено на Афроамериканци, да постигнат светска слава. Но за неговата слава, можеби, најважни се документарните фотографии на њујоршката садомазо и хомосексуална сцена, кои биле во контраст со тогашната конзервативна Америка. Неговите дела се прогласувани за порнографија, се воделе бурни расправи во Сенатот, во библиотеките се забранувале неговите монографии.

Њујоршкиот музеј „Гугенхајм“ од 1993 година поседува донација од 200 фотографии на Мејплторп, а дури сега 30 години по неговата смрт се организира изложба на овие дела во негова чест. Изложбата ќе трае една година, а посетителите ќе можат да ги видат неговите полароиди, колажи, актови, фотографии на цвеќе, сцени од њујоршката андерграунд-сцена, но и портрети на славни личности.