Тишина во царството на вреваџиите

57

(За поетската книга ,,Мапа“ од Гојко Божовиќ, во издание на ,,Везилка 2011“)

Ристо Лазаров

Под благородната и раскошна сенка на угледната белградска издавачка куќа ,,Архипелаг“, една од ретките што објавуваат и поезија, спокојно и тивко, тивко, се разгранува и поетскиот свет на Гојко Божовиќ. Од своето поетско деби на 19-годишна возраст, овој сега веќе зрел и профилиран автор, полека и речиси незабележливо се искачи до самите врвови на модерната српска поезија. Ја одбрани тишината од наездата на новото вреваџиство на овие простори.
,,Мапа“, да се разбере уште на почетокот, не е збирка од песни пишувани со текот на времето, па собрани меѓу две корици: ова е кохерентна книга, пишувана со концепт, баш како книга. Поделена е, впрочем, на осум поглавја, ама се разликува по тоа што тие ,,циклуси“ чинат еден складен и широк тек, еден видлив поетски заграб од времето наше и современо. А и од времето што би го нарекле поетско помнење, поетско патување низ вековните пластови време. Сето тоа – сведоштво за мајсторското искуство и умешност на авторот.

И граѓата и глазурата на ,,Мапа“ се модерниот наратив: книгата е, всушност, сеопфатна поетска промисленост и обмисленост, еден вид поетски водич – за читателот, соочувајќи се со нејзините основни фигури, веднаш да се препознае и себеси во својата секојдневие. Нештата што го опкружуваат – некои потајум, некои без срам и перде, со занес дека тие се стварноста. А нештата, вели Божовиќ во ,,Мапа“, всушност, „Не го прават светот постварен / Нештата се натрупуваат / Сѐ додека не го скријат светот / Како никогаш и да не постоел“. Има купишта нешта што зад себе оставаат длабоки празнини и таквите нешта не можат да се скријат од очите на поетот. Од секоја празнина не бидува нешто, како што од секоја планина (што, нели, си ја знае својата тежина) не бидуваат Хималаите.

Веднаш да се каже дека планините се спомнати заради празнините. Сите корени и ориентири на ,,Мапа“, сосе празнините, без остаток, се наоѓаат во градовите. Во градовите се и крстосниците на сегашноста, и патоказите кон иднината, и расцветаноста и разградувањето на урбаноста. Поезијата на Гојко Божовиќ дише урбано, вдишувајќи ги и ,,благодатите“ на загаденоста и борбата за голо преживување. Не само од маглите и смоговите. Неброени луѓе тука се поцрнети од немоќта да дојдат до парче леб, папсани се од скитање од контејнер до контејнер. Меѓу нештата во книгата, упорно треперат и социјалните слики – повеќе црни одошто бели, без причина и вина избербатени од оние што сакаат да ги прикажат во колор.

Гојко Божовиќ е извонреден, спокоен и тивок лиричар. Но во неговите песни нема лажни галежи, колку што има вистински боцки. Неговата поетска врвица е самосвојна, впечатлива авторска индивидуалност. Во нив има огромни количества мисловност и умност. Во нив лесно ги препознаваме влогот и приврзаноста на овој автор во подем во напорот за враќање на духовниот примат на поезијата. Поезијата не е само оставина, минато време. Сега таа е собрана на едно место, во меморијата на компјутерот, вели Божовиќ. ,,Тогаш тоа е оставнина за иднината / Знак дека нешто сепак ќе остане / И дека не е сѐ изгубено“.


ДОЈДОА ТЕШКИ ВРЕМИЊА

Дојдоа тешки времиња.
Вака никогаш не било.
Говорат и оние кои не
паметат
Други времиња, и оние кои
Знаат дека секогаш било некако.
Една по една се затвораат вратите,
И човекот останува во загушлива и
Непроветрена соба, меѓу
Вчудоневидените и понижени домаќини.
Виновен на сите, себеси најмногу.
Никој не му го простува другему
Она што лесно си го простува себеси.
Се пренесуваат гласови, и сите се
Помалку разбирливи.
Гласниците им се нафрлуваат
На оние кои ги слушаат
Стануваат гласници подготвени за пат.
Дојдоа тешки времиња.
Но, без гајле, ќе дојдат уште полоши.
И затоа вдишете воздух
Пред да настапи часот.
Ова е единствено време
И затоа живееме во него.

Гојко Божовиќ