Тетки

301

Така ги знаев: тета Наца, тета Менка, тета Дитка.
Сите три – благословени вдовици. Слаби како виљушки, бели како брашно: нивните ретуширани грчки профили од врамените фотографии се вратија во негативот.
Најстарата, тета Наца, во својата деведесетта, од прстите глисти ги изникнуваше Шопеновите полонези на раштиманото метално пијано. Средната, тета Менка, ми нудеше, на излупен послужавник, свеж вишнов сок и топли ванилички, посеани со цимет: „Не бој се, синко“, и по секој залак, заплашено потсетуваше: „Добро ли е?“…

Кога ќе затоплеше, најмладата, тета Дитка, го изнесуваше телевизорот на западниот балкон, ќе го наместеше во насока на зајдисонцето и наметнувајќи се со ќебе, се впиваше во волшебниот екран. Велеше: „Телевизијата е уште едно мајсторство на итриот собирач Запад. На Исток почнува сѐ – Сонцето, Господ, Писмото, Градот. Но жештината е пресилна. Се изразува во пожар, во колеж, во гнилеж. На Запад, работите се прифаќаат откако ќе го истрошат беснилакот. Потоа се прецизираат и употребуваат“. Пред телевизорот на тета Дитка бев сведок како Југославија станува полуфиналист во Чиле, како го убиваат Џон Фицџералд Кенеди, како Иво Андриќ добива Нобелова награда. Сезнајната ТВ имаше во тета Дитка најубедлив проповедник. „Постои и радио, синко, и весник, ќе пропелтечеше тета Менка и веднаш ќе се свиеше пред мојот зачуден поглед: „Сакаш ли, злато мое, слатко од лубеници?“.

Си играв со дрвени, шарени коцки по мекиот персиски тепих во големата дневна соба. Врз издолжените прозорци – залепена млечна месечина. Трите тетки на три бидермаер-фотелји – пијат чај. Колку и да се разликуваа физички, тие беа варијанти од едно исто тело. Тој дрзок дарител си ги распоредил органите и особините, втиснувајќи се надмоќно во секоја од нив: на тета Наца срцето и подвижноста, на тета Менка цревата и помирливоста, на тета Дитка нервите и досетливоста.
Биолошкиот татко, прадедо ми Манас, кривоногиот Куман, грабливецот лихварски, премногу груб беше и низок за оној што го замислував во улогата на дарител. Иако, според кажувањата на тетките, пред него на краклињата буквите тревожно им се растрчувале низ устата, на стробјанците им слабееле колениците, а престрашените чираци-сираци со заклани грла чекореле наназад, не можев да замислам дека во овој алчен рисјанин постоел суптилниот фактор „меѓу“. Неговата природа ми се чинеше евтина, неспособна да се подари елегантно и ефикасно во суштествувањето на трите свои наследнички. Оној чија фотографија сите три љубоморно ја чуваа: тета Наца на пијаното, тета Менка во кујната, над шпоретот, тета Дитка на телевизорот, врз неделната програма – тој имаше токму такво лице: отмено, благо, а непроникливо – лице на дарителот. Него, чичко им Ѓорѓи, ниту најмрачната ноќ не можеше да го запре да појде во меаната и на час пред мугрите, да се врати дома, следен од банда музиканти и весел лаеж на пците. Ги менуваше белите свилени кошули секој ден, а откако во него се всели неумоливата гушителка – туберкулозата, по три на ден. Наспроти скржавиот Куман, чии јавачки гени се задржаа само во грабежлукот, приземен во ковчегот преполн златници, со три катанци заклучен, со три синџири закотвен под железната постела, Ѓорѓи постојано имаше отворени прозорци, преполна трпеза и насмеана рака.

Порачуваше германски книги од Пешта и Виена, француски од Париз, од каде што, во лакиран дрвен сандак со етикета „L’orgie expressif Mustel“, му пристигна инструмент со благи типки. Ѓорѓи, кој како дете, по тоновите на дождот распознаваше колку долго ќе потрае, го прегрна хармониумот како страсно посакуван сродник. Елегичната мелодија го преплави спонтано како одамна научена, блиска азбука. „Самоук беше, но музицираше вешто, многу вешто“ – ќе изречеше тета Наца, додека рацете, во темпо рубато, ѝ потскокнуваа по клавијатурата, а над нив се надвиваше вкочанетата снага. „Со душа“ – ќе воздивнеше тета Менка, нудејќи ми ново парче чоколадна торта.

„Имаше систем во импровизацијата – ја исправаше тета Дитка од терасата, каде што го следеше „Дебатниот новинарски клуб“: – Односно, умееше да го употреби занаетот“.
Тета Дитка имаше право. И последното, душманско искушение, чичо Ѓорѓи го ублажи со музика. Веќе искашлуваше крвави грутки. Се престоруваа во црвена змија, а кога ѝ ја отфикари главата, од устата ѝ капна отров – рак и го заклешти за градите. Јасно му беше: кога ќе нападне сувата ’рѓа, и најчеличните гради скапуваат. „Лошо ќе си страдам“ – на слепо пребираше по молските акорди, додека погледот и мислите му талкаа по пајажинестите агли на меланхолијата. Се виде во огледалото: дете со уморни очи под натежнатите клепки. Килибарните зрнца прав трепереа од сончевиот допир. По црниот килим пребргу се тркалаа белите часови – бисери: десет, единаесет, пладне… Задоцнети снегулки што се топат во лет. Небесните чувари, облечени по најновата париска мода, се отиснуваа, лесни како пердуви, од тврдата почва: „Збогум! Збогум!“. Грев зло е, оној на Господа – природа. О, ангелче со скршено крило, љубовен звук, згазен во цут! „Ќе ти пишу црна коса на тефтер / Пиши лудо, ич не ме прашуј, ле“. Жежок пепел на згасната ѕвезда. Свежината на шумските јаготки пробива низ заболеното ткиво: да сонуваш, распаѓајќи се! Сакатите коњи галопираат по сребрената нотна долина. На увце му пее мирисниот билкар: „Ќе ти пишу гајтан веѓе на тефтер / Пиши лудо, ич ме мене не прашуј, ле“. Се подисправи Ѓорѓи, го води звукот низ пределот на сонливата свила: „Ќе ти пишу алтан чело на тефтер / Пиши лудо, ич не ме прашуј, ле“. Ги шири музикалната душа кревките крилца, се дели од претешкото тело и, ене, се населува во три благородни животи, именувани егзотично: Анастазија, Филомена, Афродита.

Еластичната Анастазија, тета Наца, доживеа 96. Покорната Филомена, тета Менка – 94. Остроумната Афродита, тета Дитка – 90. 96 + 94 + 90… Тоа се вкупно 280 години.
Секоја негова година се реинкарнира во десет нивни.
Имаше Ѓорѓија, питомиот бекрија, дарежлива рака, имаше срце блескотно и ум видовит. И кога губеше на себе, печалеше на своите.