Терминот „златна доба“ заминува во историјата

177

На секој поединец и генерација мора да им се даде можност да ги раскажат сопствените историски приказни, но и да ги толкуваат оние раскажани од други луѓе. Дебатите за историските прашања бараат простор за секој што сака да придонесе на свој начин

Музејот во Амстердам неодамна излезе со објава дека престанува да го користи терминот „златна доба“ како синоним за 17 век. Причината е што овој термин не нуди точна претстава за односниот век, а наедно е пречка за напорите да се раскаже историјата на оваа ера. Одлуката предизвика огромен бран реакции, позитивни, но и крајно негативни. Кураторот на амстердамскиот музеј, Том ван дер Молен, искажа задоволство од одлуката на својата институција, пишувајќи и есеј за неговиот личен однос кон терминот „златна доба“. Во него тој објаснува зошто веќе не го користи како стандарден начин за објаснување на 17 век.
– Сѐ уште го користиме овој термин без многу размислување, но факт е дека тој не е соодветен за временскиот период што сака да го објасни. Музејот во Амстердам реши да престане со употребата на терминот и јас сум среќен поради оваа одлука – вели ван дер Молен.

Изразот златна доба стана популарен во 19 век, кога историјата му служеше на холандскиот национализам, чија цел беше обединување на нацијата. Тој ја нагласуваше гордоста на Холандија, која произлегуваше од периодите на огромен просперитет. Денес, речиси два века подоцна, изразувањето гордост поради тој период на моќ и богатство е под жесток критички напад. И со право.
Спомениците и имињата на улиците што ја издигнуваат оваа ера и нејзините предводници на пиедестал, исто така се најдоа во фокусот на критичарите.
Изразот е вкоренет во истите чувства на гордост, но тој има една подолга историја и поширок спектар на асоцијации, кои не се однесуваат само на одреден период од холандската историја. Конечно дојде време за истражување на овие асоцијации, а наедно и за прашањето зошто сѐ уште го користиме овој термин. Секако, тука е и дилемата за тоа дали треба да продолжиме да го користиме во иднина.

Историчарот Петер Лодевик Милер е првиот што го употреби терминот „златна доба“ за да ја изрази националната гордост во врска со уметничката, воената и економската моќ на својата мала земја. Холандија беше претставена како подобра од сите други земји, па дури и како своевидно чудо во светската историја.
– Тоа беше време кога извонредниот интелектуален развој одеше рака под рака со неспоредлив просперитет и ретко силната енергија. Чинам дека славата и процутот на Венеција и Фиренца беа практично искомбинирани во нашата Холандија. Човек би требало да се наврати на антиката, во ерата на Атина под водство на Перикле, за да може таа да се спореди со сеопфатниот развој на едно толку мало парче земја, какво што е Холандија – вели Милер.
Холандската златна доба на Милер беше многу важна, бидејќи преку него беше користена историјата за да се зацементира чувството на национален идентитет. Тој го опишува периодот како врвен процут, национална гордост и дел од идентитетот на секој образован Холанѓанец.

– Со други зборови, овој термин е осмислен да го опише високоцивилизираниот холандски дух како совршен и супериорен во однос на сите други нации. Сходно на ова, златната доба автоматски исклучува одредени луѓе. Ако вашите предци не биле богати и моќни во тој период, или дури биле жртви на напорите на Холанѓаните за зголемување на моќта и богатството, тогаш, во најдобар случај, овој термин нема да ви значи ништо, а во најлош, ќе провејува со чувство на непријателство – вели Милер.
Долго пред Милер, биографот на уметниците од 18 век, Арнолд Хубракен, исто така го употребил изразот, но во многу полимитирана смисла, зборувајќи за Амстердам во периодот пред и по 1650 година.
– Тоа беше златната доба за уметноста, кога златните јаболка своеволно „паѓаа“ во устите на врвните уметници – вели Хубракен, чии забелешки се однесуваат само на уметниците, но историјата на уметноста не може да се дистанцира од целокупната историја, таа е нејзин составен дел.

Па, така, процените на овој биограф за златната доба добиваат поширока смисла и се однесуваат на целата историја на Амстердам и Холандија, што, во крајна линија, произведува сомнеж за соодветноста на широкоприфатеното мислење за „златниот карактер“ на 17 век.
Сепак, постојат и поинакви гледишта. Во својата книга „Холандската цивилизација во 17 век“, Јохан Хуизинга истакнува дека терминот е погрешен, бидејќи не дава точна слика за ситуацијата во тогашно време. Иако се согласува дека тогашните Холанѓани имале многу доблести – виталност, енергија, решителност, чувство за праведност, сочувство и побожност – тој истакнува дека терминот не е погоден за опис на споменатиов век, бидејќи не ја одразува историската реалност во целина.

– Во Холандија, криминалните дела подлегнуваа на многу остри санкции, земјата почесто беше во војна одошто во мир, бродовите пловеа во насилни освојувачки територијални походи – со еден збор, не беше сѐ толку златно и блескаво – вели тој.
Во меѓувреме, употребата на овој термин стана толку зачестена, што наметна силно влијание врз нашата претстава за 17 век. Наративот на златната доба вешто ја сместува Холандија во улога на малиот Давид што храбро се бори против Голијат, кој е олицетворение на големите, силни држави како Шпанија, Англија и Франција. Опишувајќи се себеси како мала земја, вие сугерирате дека не сте агресор и се борите во самоодбрана од нападите на „големите непријатели“, а притоа сте невини. Секако, ова дава искривена и неправилна историска слика за вистинската природа на Холандија од 17 век.
– Иако јас лично бев престанал да го користам овој термин, сепак ме загрижи кога некој го исчкрта постерот што ја најавуваше изложбата на портрети од 17 век во музејот „Ермитаж“ во Амстердам – вели авторот на написот во „Кодарт“.
Насловот „Галерија на портрети од златната доба“ беше преименуван во „Галерија на портрети од украдената доба“, а лицата на сликите од постерот беа комплетно избришани.

– Тоа беше болно искуство за мене, затоа што јас ја разбирам и поддржувам пораката што овој вандалски чин сакаше да ја испрати до јавноста, но исто така бев и еден од оние куратори-организатори што беа одговорни за изложбата, вклучувајќи го и насловот – признава авторот.
Ари ван Дорсен ја карактеризира историјата на начин што изгледа сосема соодветно и реално.

– Историјата не докажува, таа само раскажува. Таа е бесконечна дебата, исправното и погрешното се секогаш привремени и секој може различно да си ги протолкува. Токму затоа, ние во континуитет ќе ја преправаме и преработуваме историјата – одново и одново – вели Ван Дорсен.
На секој поединец и генерација мора да им се даде можност да ги раскажат сопствените историски приказни, но и да ги толкуваат оние раскажани од други луѓе. Дебатите за историските прашања бараат простор за секој што сака да придонесе на свој начин.
– Терминот златна доба го лимитира овој простор за многумина што би сакале да учествуваат во ваквите дебати. И на крајот, доаѓа до ситуација во која сите се губитници. Еве уште една причина зошто овој термин треба да се тргне од употреба – смета авторот на написот, Том ван дер Молен. В.Б.Н.