Сѐ повеќе жени и кај нас застануваат на диригентскиот пулт

154

Помина еден век откако Дам Етел Смит го создаде Маршот на жените (1911 г.), дело што го диригираше во својата ќелија во затворот „Холовеј“, со четкичка за заби. Во историјата остана забележана по својата навика да се облекува во панталони, да пуши цигари и по љубовта кон Вирџинија Вулф. Никогаш не стана употреблив архетип на жена композитор. Повеќето ја знаат по приказната за четкичката за заби отколку по нејзината музика

Најновото истражување на „Бахтрек класикал мјузик статистикс“, една од најголемите интернет-страници посветени на класичната музика, покажува дека времињата полека се менуваат, односно дека значително се зголемува бројот на жените композитори и диригенти. Имено, нивниот број е удвоен на листата на 50 најдобри светски композиторки, додека, пак, бројот на жени на листата на најдобри диригентки од еден, скокнал на осум. Професиите диригент и композитор со години му припаѓаа на „машкото“ поле на дејности.

Бисера Чадловска, познатата диригентка во Македонската опера и балет

Во Македонија може да се зборува исто така за нагорен тренд кога се во прашање диригентките. Додека во минатото тие отсуствуваа во оваа професија, денес ги има неколку, почнувајќи од Бисера Чадловска, познатата диригентка во Македонската опера и балет, потоа Летка Димовска-Полизова, диригентка на женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, Дијана Имери Илкоска, една од најперспективните диригентки од младата генерација, Јасмина Ѓорѓеска, м-р диригентка при МОБ, Сања Пановска Миланова, диригентка на џез-хорот „Артизан“…

– Мојата професија диригент отсекогаш важела за „машка професија“, иако јас никогаш не разбрав зошто е тоа така. Во ниеден момент, откога одбрав да се занимавам со ова, па до денес, немав размислување дека професијата ќе ми биде специфична поради тоа што сум жена. Професијата диригент сама по себе е специфична, без разлика на полот на диригентот. И мажите, исто како и жените, треба да имаат храброст за да почнат да се занимаваат со професијата. Во последно време сме сведоци дека сѐ поголем број жени во светот застануваат на диригентскиот пулт, а притоа не им недостига храброст – вели Бисера Чадловска.
За себе може да каже дека навистина не ѝ било лесно да го достигне ова ниво во кариерата, но никогаш не се откажувала и не подлегнувала на притисоците што постоеле.

– Едноставно сметам дека нема никаков аргумент според кој една жена не може да биде диригентка и со таа мисла се водев од почетокот на професионалниот живот. Мојата работа ја работам со огромна љубов и посветеност, ми значи многу во животот и не гледам зошто не би ја работела само поради тоа што сум жена. Апсурд е да се лишиме од нешто што толку многу ни значи само поради одредени неосновани предрасуди. Сигурна сум дека овој став го делат сите мои колешки што моментално работат насекаде во светот – вели диригентката Чадловска.

Сања Пановска-Миланова, пак, во претходна изјава кажа дека не сака да верува дека во светот сè уште на каква било професија се гледа како на машка или на женска. Таа со хорско диригирање се занимава последниве неколку години, а во моментов паузира од диригентството, бидејќи работи како музички педагог во Кина.
– Претходно пеев во многу хорови, но веќе немам глас за пеење. Затоа љубовта кон хорската уметност ја негувам на друг начин, со диригирање – вели Пановска-Миланова, која е професионална пијанистка, но откако дипломирала пијано на ФМУ во Скопје, посакала да се усоврши во нејзината голема љубов, хорското диригирање. Две години работеше со хорот „Кочо Рацин“, пред да го основа мешаниот џез-хор „Артизан“.

Дијана Имери Илкоска е една од најперспективните диригенти од младата генерација, која по дипломирањето во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар бележи голем број успеси и соработки со престижни оркестри и ансамбли, како Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Оркестар и хор на Бугарското национално радио, Камерниот оркестар на МММ, Камерниот и симфонискиот оркестар на ФМУ, Мешаниот хор при ФМУ и други престижни ансамбли. Во едно свое интервју таа изјави дека музиката не познава граници, во музиката не постои национализам, расизам, етничка или полова дискриминација.
Диригентката Летка Димовска-Полизова, пак, е позната како основачка на хорот „Света Злата Мегленска“, создаден при Македонската православна црква, во Кумановско-полошката епархија, во 1996 година, по нејзина иницијатива. Таа и денес раководи со него. Името му го дал владиката Кирил. Според убавината на девојките, младоста, ентузијазмот и посветеноста на верата, владиката верувал дека овој хор достојно ќе го носи името на света Злата Мегленска, македонска светица што живеела во 17 век во Меглен и го дала животот за верата. И не згрешил. Хорот го благослови и тогашниот архиепископ, господин господин Гаврил.
– Со создавањето на хорот, го остварив мојот сон да направам женски, фестивалски и концертен хор што ќе ја претставува македонската духовна музика секаде низ светот. Досега сме имале над 500 настапи во странство, сме освоиле многу награди, а првото гостување беше во 1997 година во Велика Британија, кога освоивме гранпри – вели Димовска-Полизова.

Дијана Имери Илкоска, една од најперспективните диригентки од младата генерација

Таа повеќе од четириесет години се занимава со хорска музика и негување кадри за хорско пеење уште од најмала возраст. Го почнала музичкото образование во родната Битола, а потоа и на Музичката академија во Скопје. Диригентските знаења ги стекнала од својот професор Петар Сидовски.
Историски, жените, освен во ликовната и во литературната сфера, никогаш не стоеле добро ни во музиката. Имено, во изборот на стоте најинспиративни жени што пред неколку години го направи угледниот британски весник „Гардијан“ не се најде ниту една композиторка што пишува класика. Класиката во последниов век се смени на подобро во овој контекст, но останува и понатаму доминантно машка сфера.

Помина еден век откако Дам Етел Смит го создаде Маршот на жените (1911 г.), дело што го диригираше во својата ќелија во затворот „Холовеј“, со четкичка за заби. Во историјата остана забележана по својата навика да се облекува во панталони, да пуши цигари и по љубовта кон Вирџинија Вулф. Никогаш не стана употреблив архетип на жена композитор. Повеќето ја знаат по приказната за четкичката за заби отколку по нејзината музика. Во средниот век калуѓерките пишувале музика за потребите на манастирите. Најпозната меѓу нив е Хилдегард од Бинген. И подоцна имало жени што создавале музика, но нивниот талент останал незабележан во историјата. Многу од нив се криеле и под псевдоними. Идејата дека создавањето музика е работа резервирана за мажите ги прогонувала и талентираните како Клара Шуман, која често знаела да каже дека компонирањето не е работа за жени. Целиот свој живот го посветила помагајќи му на својот сопруг композитор. Многу композиторки што пишувале музика во минатите векови беа заборавени сѐ до експлозијата на родовите студии, кога почна ревитализацијата на заборавените жени во историјата.

Меѓу најпознатите жени композитори се: Франческа Качини (1587-1641 г.), италијанска композиторка од периодот на музичкиот барок и прва композиторка што напишала опера; Клара Шуман (1819-1896 г.), германска композиторка и една од највпечатливите пијанистки на романтичната ера; Лили Буланже (1893-1918 г.), француска композиторка што пишувала музика под влијание на Форе, Дебиси и на Хонегер, омилена композиторка на џез-пијанистот и композитор Херби Хенкок; Хилдегард од Бинген (1098-1179 г.), композиторка и филозофка чие најпознато дело е литургијата „Ордо виртутум“; Унсук Чин (1961 г.), корејска композиторка што живее во Берлин и добитничка на наградата „Арнолд Шенберг“ во 2005 година.


Бројот на најдобри диригентки во светот порасна од една на осум жени

Само пред неколку години, во 2016 година, меѓу педесетте најдобри современи композитори имаше само седум жени, а сега бројот е речиси удвоен, 13. Најизведуваната композиторка меѓу нив е Сесилија Мекдувал, а следуваат Џудит Виер, Ана Мередит и Џенифер Хиџдон.
Во топ 100 светски диригенти, пак, жени немаше ни на повидок. Во 2013 година, меѓу 99 мажи имаше една жена – Марин Алсоп. Во 2019 година, Алсоп стана прва шефица на Виенскиот симфониски оркестар, а на листата ѝ се придружија уште седум жени: Сузана Малки, Мирга Граќините-Тула, Симон Јанг, Јоан Фалета, Натали Штутцман, Елим Чан и Карина Канелакис.

Во 2013 година, меѓу 99 мажи имаше една жена – Марин Алсоп