Александар Прокопиев

Со Влада Бајац веднаш се здруживме. Со витка и подвижна физичка конституција, која ја задржа и ден-денес, и воздржано љубезно однесување, зад кое се чуваше чувствителна и страсна природа. Лесно си ги најдовме сродностите. Обајцата имавме моќни татковци, кои страдаа од режимот и рано заминаа од животот. Обајцата имавме интензивен рокенрол-период во младоста (јас како музичар, тој како еден од уредниците на „Рок“, главно гласило на новата рок и културолошка сцена). Обајцата минавме низ опасните премрежиња на нашите кариери. Дури после испадна дека и ќерките ни се родени во исти години (и затоа, според заедничката татковска оцена, поседуваат слични карактери) – неговата Сташа и мојата Тамара во 1985-та, Лара и Соња четири години подоцна, со само неколку дена разлика. И што е најважно, и кај едниот и кај другиот љубовта кон литературата остана нечепната. Ја задржавме предаденоста кон пишувањето и читањето, отвореноста и флексибилноста кон разнородните предизвици и ризици на книжевното дело.

Еднаш, во почетокот на нашето пријателство, се качувавме по дорчолската улица 7 јули (денешна Краља Петра) кон факултетот, дрдорејќи, во рацете со папки преполни со ракописи за првиот број на „Знак“, кога дувна кошава, ненадејна, како што умее, во силни налети, и ни ги разнесе листовите хартија по тротоарот и калдрмата. Се растрчавме ловејќи ги, не внимавајќи на автомобилите што трубеа, додека ветерот ги тркалаше пред нас. Шансите да ги собереме сите листови наспроти кошавата и автомобилите не беа изгледни, но ние некако успевавме да извлечеме пред чевлите на минувачите и тркалата на автомобилите. Така, со стутканите насобрани листови, додека кошавата ни дуваше во лице и ни ги бушавеше косите како во некоја сцена од Б-вестерни, прснавме во смеа, во непокорна гласна младешка смеа.

И по авантурата со „Знак“, за време на моите белградски години, средбите со Влада беа проткаени со отворени разговори, без празни зборови, но со постојани исчекори, со една сродна, ведра амбиција – и натаму да се занесуваме и збогатуваме со литературата (читањето), но и да го поттикнуваме гладот кон разновидни животни предизвици. Кај него, тоа откривање на предизвикувачките предели се виде од двете издадени книги, изборите – „Поетите на бит генерацијата“ и „Зен приказни“.

(продолжува)