„Синедеjс“ под мотото „Филм на секое платнo“

39
Годинашниот 19-ти меѓународен фестивал на европскиот филм „Синедејс“ ќе се одржи од 18-ти до 24-ти овој месец, а ќе прикаже повеќе од 40 филма. 
– Тимот на МКЦ ова лето насобра искуство од организирање многу настани под отворено небо. И во период кога големите фестивали ги откажаа своите физички изданија и преминаа онлајн, ние сепак решивме да истуркаме опиплив фестивал, за да ја продолжиме убавата практика. На публиката ѝ недостига присутност на вакви случувања, а нам ни недостигаат тие – вели Маргарита Арсова, програмска координаторка на фестивалот. 
Под слоганот „Филм на секое платнo“, програмата на 19-от фестивал на европскиот филм ќе се одвива низ Скопје на девет локации: Градскиот парк, МКЦ-паркот, паркот „Ибни Пајко“, киното „Влае“, паркот „Кисела Вода“, киното „Напредок“, киното „Маџари“, домот на градежниците „Кочо Рацин“ и покривот на ГТЦ. 
 
– Несреќно наметнатите околности, предизвикани од пандемијата на коронавирусот, ни донесоа по малку среќна можност, да го „извадиме“ големото платно под отворено небо. Во ова време на неизвесност и несигурност, ќе се обидеме да понудиме чувство на сигурност, благосостојба и уживање во филмската уметност на секој посетител, строго почитувајќи ги протоколарните мерки за одвивање на настаните од ваков тип – истакнува Филип Николовски, директор на програма на МКЦ.
Годинашната програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер, и таа е намалена, следствено на фестивалските денови. Во неа ќе ги погледнеме најновите остварувања на Озон, Пуиу, Винтенберг, Срѓан Голубовиќ, а таа нуди и доста македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати програмски целини: официјална селекција, гала-програма, музички документарци, МК во ЕУ, македонски премиери…
 
Во рамките на годинашното издание првпат има и „Поп ап кино“, кое ќе ги оживее најавените локации.
– Секое време носи свои навики и начин на социјализација, од маалски игри, телевизор во двор кај комшиите, фудбал на мали голчиња, комодоре 64, до лаптоп и мобилен екран за секое дете. Во целиот овој технолошки напредок и промена на начинот на комуникација, едно е сосема сигурно, Скопје било и ќе биде едно големо кино. Локациската „реставрација“ на местата каде што во минатото постоеле киносали и проекцијата на филмови на овие позиции, ќе се обиде да даде омаж на културата на еден град, култура на која ѝ го изгубивме континуитетот, занимавајќи се со трупање градби што требаше да покажат колку култура сме имале некогаш – вели Николовски. 
Во рамките на оваа програма ќе погледнеме студентски и дипломски филмови на режисерите од поновата генерација, како Вардан Тозија, Тамара Котевска, Даријан Пејовски и Атанас Георгиев. 
 
Првпат по многу години отворањето и затворањето на фестивалот е со македонски премиери. Отворањето на фестивалот е со светската премиерата на првиот македонски семеен детски филм „Стела“ на Стојан Вујичиќ, во продукција на „Дрим фактори“. Затворањето на фестивалот е со македонската премиера на „Хомо“ на Игор Иванов-Изи. Ќе има и скопска премиера на филмот „ТМ“ на Ивица Димитријевиќ, кој е единствен долгометражен филм во македонската кинематографија снимен без буџет.