Се конзервира вредноста на три скопски џамии

229
Во „Алаџа-џамија“ работите требаше да завршат, но изгледа 2019 година ќе биде крајниот рок - Фото: Маја Јаневска-Илиева

На „Алаџа-џамијата“ и на комплексот на „Султанмуратовата џамија“ работите се во тек, а во завршна фаза е конзервацијата на џамијата „Хусеин-шах“ во Сарај

Летово се конзервираат познатите споменици на културата во Скопје, „Алаџа-џамија“ и комплексот на „Султанмуратовата џамија“, додека во Сарај е во завршна фаза конзервацијата на џамијата „Хусеин-шах“, која и има статус на заштитено недвижно културно добро. Комплексните конзерваторски зафати почнати во 2016 година се финансирани од Турската агенција за соработка и кординација (ТИКА), со стручен надзор од Националниот конзерваторски центар од Скопје, додека архитектонските работи во сите три џамии ги изведува турската фирма „Караџан груп“.

„Алаџа-џамија“ – шарената џамија што се наоѓа на крајот на познатиот Бит-пазар, според архитектот, конзерватор-советник, Ацо Костов, кој го врши стручниот надзор целосно ќе биде конзервирана како и нејзиното турбе. Предвидено е и партерно уредување, објектот се чисти од напластените материјали низ вековите, а веќе се откриени и оригинални насликани слоеви што треба да бидат и презентирани. Се откриваат куполите на џамијата поради што е поставена привремена натстрешница, а се прават и сонди на одредени места за да се открие дали објектот статички е заштитен.
Костов укажува на тоа дека на овој објект по земјотресот во 1963 година се правеле одредени интервенции, а сега повторно се прават статички зајакнувања каде што има потреба, но и инјектирање на ѕидовите со пукнатини. Досега, вели тој, некои работи се решавани и на своја рака од страна на Исламската верска заедница, а некои од страна на Конзерваторскиот центар како што е менувањето на покривната покривка.

Архитектката конзерваторка-советничка, Цветанка Хаџи Пецова, на „Султанмуратовата џамија“ – Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Сега „оригиналната“ покривка, која била направена од олово, ќе биде вратена, а така ќе се постапи и за турбето. Во внатрешноста на џамијата се отстрануваат балконите што биле одново додадени, ќе се менуваат дотраените елементи од дрвената конструкција, се отстрануваат цементните делови, а ќе се конзервира и минарето. Мислам дека со повторно осветлување и со враќање на сјајот на џамијата ќе се види дека таа била всушност шарена – вели Костов.
Оваа џамија, која датира од 15 век, е позната и по минарето што е единствено на Балканот и пошироко, инклинирано од вертикала во стабилна состојба, а така и ќе остане.

– Тоа ќе биде еден вид куриозитет слично на Саат-кулата во Прилеп, која е исто инклинирана, како и познатиот кос објект на Кулата во Пиза – вели архитектот Лазар Шуманов, кој како и неговиот колега Селим Озгол од Турција, како експерти учествуваа во изработка на проектот за конзервација на џамијата.
Тој напоменува дека во земјава, за жал, од финансиски причини секогаш се прават парцијални, а не целосни конверзации на објектите како што се овие финансирани од ТИКА.

– Ние тешко би можеле да ги обезбедиме потребните средства, тоа би окупирало поголем дел од годишните средства на Министерството за култура – смета Шуманов.
Ајтекин Ајден, координаторoт на ТИКА за Македонија, изразувајќи задоволство од добрата соработка со македонските надлежни институции, посочува дека токму непредвидливите работи на теренот го зголемуваат времетраењето на проектите, но и финансиските трошоци. Оваа владина организација на Турција во земјава е присутна од 2005 година и до денес реализирала над 850 проекти од сферите на здравството, културата, образованието, инфраструктурата и др.

– Во „Алаџа-џамија“ работите требаше да завршат за 520 дена, но изгледа 2019 година во јули ќе биде крајниот рок. Лани работите беа стопирани 9 месеци за да се направат археолошки истражувања за да се дојде до оригиналниот изглед на џамијата – вели меѓу другото тој.

Ајден дополнува дека и дрвени детали од овој објект биле испитувани во универзитетска лабораторија во Истанбул, а ласерски било испитано и искривеното минаре, кое може да се види од различни страни.
– Формиравме и стручна комисија од експерти од различни институции, која и годинава ќе го испитува минарето за да бидат и луѓето мирни за да не се плашат дека ќе падне – рече тој.

Саат-кулата – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ајдин нагласува дека во проектите за заштита на џамиите се вклучени професори од различни универзитети во Турција и конзерватори од македонските институции, кои континуирано соработуваат на работите на сите три објекти. Конзервацијата на џамијата „Хусеин-шах“ од предвидените 600 илјади евра, според него, би можела до крајот на работите да достигне околу 960 илјади ера.

– Во „Султанмуратовата џамија“, пак, минатиот месец имаше застој од месец и пол поради обезбедување, а дозвола од Министерство за транспорт и врски, а проблемот е веќе надминат. Работите на овој комплекс би требало да чинат околу еден милион и триста илјади евра. Се надевам дека во предвидениот период ќе успееме да ги комплетираме конзерваторските работи во сите три џамии, кои се значајни за муслиманите што живеат тука, но се и значаен културен и туристички симбол – вели Ајтекин Ајдин.

Архитектката конзерваторка-советничка, Цветанка Хаџи Пецова, која врши конзерваторски надзор, како и Исмаил Ердем Уфук, раководителот на работите од страна на „Караџан груп“, меѓу другите, ги сретнавме деновиве на „Султанмуратовата џамија“, изградена во 15 век, каде што се одвиваат работите поврзани со заштита на архитектурата на целиот комплекс. Хаџи Пецова се надева дека до крајот на годината тоа ќе заврши по што треба да следува конзервација и реставрација на ѕидната декорација, која е посериозен и пообемен проект. Овој комплекс ги опфаќа освен џамијата и Саат-кулата и двете турбиња, на Бехан-султан и „Алипашиното турбе“ од отворен тип.

– На местото на стариот, ќе се направи реконструкција на нов шадрван, а планирано и е партерно хортикултурно уредување, вклучувајќи ги и оградните ѕидови и влезната порта во комплексот. Што се однесува до самиот вид конзерваторско-реставраторски интервенции тие во најголем дел вклучуваат реставрација бидејќи конструктивното зајакнување на џамијата и на минарето било изведено по земјотресот во 1963 година. Единствено од поголем обем се интервенциите на покривната конструкција и затоа е направена привремена конструкција со заштитна функција од временски непогоди – вели Хаџи Пецова.

Таа дополнува дека е предвидена и замена на оштетените дрвени елементи во џамијата, консолидација на периметралните ѕидови со вшприцување со хидрауличен варов малтер и др. Кај Саат-кулата каде што е констатирано дека проектот по земјотресот, кој бил направен за нејзино зајакнување и санација, не бил реализиран, повторно ќе се изврши вшприцување во пукнатините, а ќе се интервенира и на минарето и на двете турбиња.

– Сите елементи од внатрешноста во џамијата поради дополнителни интервенции во овој период се отстранети. Многу е важно што со овој проект интегрално се третира целиот комплекс, а таков интегрален пристап би требало и ние во земјава да имаме кога работиме споменични комплекси. Ова е заедничко културно наследство што се наоѓа на територијата на Македонија и со колегите од Турција придонесуваме за видот и обемот на интервенциите да бидат компатибилни со оригиналните, да бидат квалитетни, да обезбедиме подолготрајна егзистенција на културното добро – вели Хаџи Пецова.


Ѕидното сликарство во две џамии

Проектот за ѕидната декорација во џамијата „Хусеин-шах“ е завршен, а, пак, за ѕидното сликарство за „Алаџа-џамијата“ сѐ уште не е доизработен, напоменува Оливера Макриевска, конзерваторка-советничка во Заводот и музеј во Битола.
Според неа, во џамијата „Хусеин-шах“ од 16 век не се констатирани остатоци од ѕидно сликарство од периодот на изградбата, но е констатирана декорација од понов период. Има калиграфски свети цитати – ајети со црна боја, а кај другите површини во молитвениот простор изведено е тонско монохромно обојување и декорација кај михработ. За изведување нова сликана декорација извршена е комбинација на елементи и детали по примерот на често применуваните мотиви кај џамиите од тој период.

По завршените конзерваторски истражувања во голем процент заокружени се историско-уметничките и техничко-технолошките сознанија за уметничките содржини во комплексот „Султанмуратовата џамија“ (ѕидно сликарство, насликани архитектонски елементи од дрво и други уметнички содржини). Со сондажните истражувања откриени се и потврдени зачуваните историски слоеви со ѕидно сликарство од првата половина на 16 век, од почетокoт на 18 век, oд крајoт на 19 век и од почетокот и од втората половина на 20 век.

– По обем на зачуваност и техничко-технолошки квалитет издвоено е ѕидното сликарство од почетокот на 18 век – вели меѓу другото Макриевска.