Селма Алиспахиќ – актерка на Европа

108

Култната актерка од Босна и Херцеговина Селма Алиспахиќ е добитничка на престижното меѓународно признание „Актер на Европа“ на 16-то издание на истоимениот Интернационален театарски фестивал, кој ќе се одржи од 6 до 11 јули на бреговите на Преспанско Езеро. Алиспахиќ, која ќе ја прими наградата во предворјето на сарајот во Ресен, со своето име ќе се вгради во европската меморија на Балканот покрај имињата на досегашните добитници, како што се: Љуба Тадиќ (Србија), Јон Карамиитру (Романија), Милена Зупанчич (Словенија), Ана Патресон (Шведска), Марсел Бозоне (Франција), Раде Шербеџија (Хрватска), Брус Мејерс (Велика Британија) итн.
Признанијата „клучевите на Преспа“ ќе ги добијат Луиза Витон, претставник на Обединетите нации за Македонија и музичкиот виртуоз од Шпанија со македонско потекло, Вангел Мачковски.
Традиционалната голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ оваа година му е доделена на грчкиот публицист и издавач Петрос Папасарантопулос, македонскиот дипломат, амбасадорот Љупчо Арсовски, и познатиот албански писател и еден од основачите на Академија Балканика Европеана, Башким Шеху.
Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година се селектирани: „Жените на Ибзен“ од Словенија, „Слугинки“ од Бугарија на текст на францускиот класик Жан Жене, српската претстава „Кеплер 452б“ од Тијана Грумиќ, во режија на Југ Ѓорѓевиќ. На годинашното издание на фестивалот е светската премиера на претставата „Агаменмон Инферно“ по текст на Исмаил Кадаре во изведба на Васили Лаерти, кој е еднакво познат и во Албанија и во Грција. Од Косово доаѓа претставата „Четири еполети“ од Хаќиф Мулиќи, а од Македонија учесници се Димитрина Мицкоска со авторскиот проект „Женска Утопија“, работен според женските ликови на драмите на Јордан Плевнеш и Дони Дарко во изведба на „Театар комедија“.