Раскази за расказите, 3

201

Антиупатства за лична употреба

Во деновите на т.н. самоизолација, буричкав по најзабутканите фиоки по плакарите во подрумот. Наоѓав сѐ и сешто, меѓу нив и една стара тетратка со тврди корици, во зелено-црни шари. А во неа, и една белешка пишувана есенските месеци 1981-та, кога ме беше навјасала некоја чудна мачнотија:

„Тревога! Тревога! Човекот со црна акт-чанта се наближува! Човекот со црна акт-чанта се наближува! – одеднаш ќе го фатеше безумен страв и тогаш, додека чувствуваше како потта му се лепи на вратот, од него, како по некој надолен канал, му истекуваше силата. Преплашен и стаписан. И испотен до гола кожа.

Ваквите напади му доаѓаа најчесто во есен. Што ми стана? – се прашуваше отпосле, подвиткан, седнат со рацете на колениците, а со лицето меѓу испотените дланки. Иако му беше јасно дека ова не е ни прв, ни последен пат. Не ја потпиша спогодбата за мир. – Те вознемирувам? – го праша потсмешливо. – Не баш – му одговори со пркос.“.

Се потсетувам колку тогаш бев потиштен и изгубен во моите немири и дека завршниот одговор во записот е повеќе храбрење отколку вистинска отпорност на конкретниот јунак. Ме потсети на сегашнава ситуација со короната на македонската територија, која се одолжи во неколкумесечен притвор, во кој стиснати од стравот поради епидемијата и од губењето на личната слобода ги нарушивме нашите психолошки состојби.

Што се однесува до белешката од старата тетратка, од неа подоцна се создаде текст за рок-песна, која ја пребарав на Јутјуб. „Тревога“ на мојот тогашен бенд „Уста на уста“. Ја преслушував композицијата, заробен во карантин.
И се испотив.