Промоција на публикација за културното наследство

42

Промоција на публикацијата „Културното наследство во дебарско-реканскиот регион“, во организација на Управата за заштита на културното наследство, ќе се одржи денеска напладне, во Музејот на градот Скопје. Публикацијата е резултат на активностите спроведени во рамките на пилот-проектот за локален развој на Дебар и Река, кој се реализира во периодот од 2010 до 2016 година, под покровителство на Советот на Европа. Оваа публикација на едноставен и популарен начин ги презентира главните типови недвижно културно наследство во регионот и нивните специфики, претставувајќи ја исклучително богатата градителска традиција на дебарско-реканскиот крај. Автори на публикацијата се: Дафина Герасимова, Дарко Николовски, Зоран Павлов, Цветанка Хаџи Пецова и Снежана Герасимова-Матеска.

На настанот ќе се обратат Елеонора Петрова-Митевска, директорка на Управата за заштита на културното наследство, Хекуран Дука, в.д. градоначалник на општината Дебар, и Снежана Герасимова-Матевска, координаторка на пилот-проектот за локален развој на Советот на Европа и уредничка на публикацијата. Публикацијата беше подготвена во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведуваше под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.