Промоција на мелографите од легатот на Васил Хаџиманов

909

Во Факултетот за музичка уметност денеска, во 13 часот, во малата концертна сала ќе се одржи промоција на каталогот за мелографите од легатот на истакнатиот македонски фолклорист Васил Хаџиманов, кој го изработија студентите на програмата од вториот циклус студии за музички науки при ФМУ Николче Витковски и Цветанчо Николоски, под менторство на Димитрије Бужаровски. На промоцијата каталогот ќе им биде предаден на претставниците на Македонската академија на науките и уметностите, каде што се наоѓа овој легат.

Во овој каталог се попишани 10.166 мелографи, кои се дел од обемниот легат на Васил Хаџиманов, кој се наоѓа во архивот на МАНУ. Со попишувањето на мелографите се прави уште еден исчекор во содржината на легатот и брзото и лесно пребарување, особено имајќи ја предвид неговата обемност. На овој настан ќе се одбележи и 25-годишнината од првите две дигитални снимки на хард-диск од творештвото на Димитрије Бужаровски (соло-песната „Тишина“ и композицијата „Скелетот и убавицата“). Направени во програмата „Протулс“ во 1993 година, тие се првите дигитални снимки на хард-диск не само во Македонија туку и на Балканот. Со нив ќе биде означен почетокот на дигиталното архивирање, кое подоцна ќе стане дел од архивот „БузАр“.