Промоцијата на „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш

46

Промоцијата на збирката раскази „Приказни на тивок оган“ од Светлана Камџијаш ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во клуб-ресторанот МКЦ. За книгата ќе зборуваат Соња Стојменска Елзесер и Ѓоко Здравевски, а делови од книгата ќе презентира актерката Ана Костовска. Книгата е издание на „Или-или“.

Светлана Камџијаш предава филозофија, естетика и етика на Педагошкиот факултет во Скопје. Досега објавила повеќе книги од областа на филозофијата: „Ведите и Упанишадите – сликата на светот“, „Крајната слобода во философијата веданта“, „Од брегот на реката Ганг“ и „Шест Упанишади“, како и две поетски книги: „Чекори во летот“ и „Небо-индиго“.

– Расказите во збирката „Приказни на тивок оган“ на Светлана Камџијаш се создадени со длабока мисла, широка емоција и висока ерудиција, со буен стил и прецизна структура. Нив авторката успеала да ги напише со онаа тешко остварлива виртуозност, која подразбира да се раскаже флуидно она што е најтешко за искажување… Авторката како да ги вткала во своите раскази сите уметности, и ова не го велам само затоа што некои од нејзините ликови се уметници, туку пред сѐ затоа што самиот живот, самото човеково постоење во расказите на Камџијаш е доживеано и раскажано како уметност – вели писателот Гоце Смилевски.