Прилепскиот скулпторски симпозиум „Мермер“ – меѓу првите во светот

191

Од неделата почнаа неколку манифестации на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп: интернационалните ликовни работилници Интернационална сликарска колонија, интернационалниот скулпторски симпозиум „Мермер“, Интернационално студио за пластика во дрво, Интернационално ателје за скулптура во метал и Интернационално ателје за уметничка фотографија. Годинава посебен акцент ќе биде ставен на 55- годишното опстојување на Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер, кој почнал од 1963 година и трае до денес, јубилеј што со посебен настан ќе биде одбележан на 29 јуни. На симпозиумот ќе учествуваат Џузепе Страно Спиту од Шпанија, Марина Стопоња од Хрватска, Татјана Каравелиќ од Србија, Милија Стојановиќ од Црна Гора, Давид Атанасоски и Никола Смилков од Македонија.
– Кога се говори за историјата и почетоците на интернационалните скулпторски симпозиуми, неизбежно е да се спомне Движењето на интернационалниот скулпторски симпозиум, предводено од Карл Прантл во Австрија во 1959 година. Првиот симпозиум се одржува во напуштен каменолом во Санкт Маргаретен во Бургенланд, каде што се собираат скулптори од целиот свет за да создадат постојано јавно уметничко творештво од локален камен, динамика што ќе обезбеди модел за многу симпозиуми што следуваат. Оттогаш се одржуваат скулпторски симпозиуми во многу градови низ целиот свет, а ние можеме со гордост да истакнеме дека токму нашиот симпозиум „Мермер“ во Прилеп е еден од првите во светот, почнат е во 1963 година, шест години по формирањето на првата интернационална сликарска колонија. Низ манифестацијата, во текот на овие 55 години, имаат поминато 164 скулптори од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Италија, Романија, Унгарија, Полска, Баку, Русија, Португалија, Германија, Швајцарија, Шведска, Холандија, Англија, Франција, САД, Јапонија, Аргентина, Канада, Австралија и Израел – велат организаторите од ЦСЛУ.

На Интернационалното ателје за скулптура во метал годинава ќе учествува нашиот скулптор Маријан Стојаноски, додека Интернационалната сликарска колонија со дела ќе ја збогатат сликарите: Ивана Настевски, Ѓоко Антониев, Наде Тоскоска, Драшко Михајлоски, Лепа Милошеска, Елизабета Макеска, Александра Богоеска, Анита Сотироска, Верче Николоска, Маја Најдоска, Емилија Ѓорѓиоска, Александар Џинго, Павлина Илиеска. Во Интернационалното студио за уметничка фотографија ќе творат Јане Темелковски и Божидар Барлакоски. На Интернационалното студио за пластика во дрво ќе твори Методи Исков, а изненадување ќе биде реализацијата на идејата на прилепчанецот Емил Димоски. Од ЦСЛУ велат дека творците ќе имаат 10 дена уметничко дружење и творење.
– Десет дена уметност што останува и ќе ги потсетува наредните генерации за нашето постоење. Идејата за формирање на сликарската колонија се раѓа есента 1956 година, за конечно да се реализира во 1957 година, со формирањето на Центарот за современа ликовна уметност и, во негови рамки, првата ликовна манифестација во Прилеп, сега веќе една од најстарите ликовни колонии на Балканот и во Југоисточна Европа. Низ годините се развива, а колекциите на ЦСЛУ во Прилеп овозможуваат избор на најразновидни експозиции од областа на сликарските и вајарските дисциплини. Творците од различни ликовни средини од земјава, Европа и другите континенти, во текот на годините, за време на летните сеанси создаваа творби со кои се збогатени ликовната уметност и ризницата во Прилеп – истакнуваат од ЦСЛУ.