Приказна за Сузан Зонтаг, најважната интелектуалка на САД

104

Книгата „Зонтаг – живот и дело“ веднаш по објавата во американската јавност е дочекана со восклици на одушевување

Книгата на американскиот публицист Бенџамин Мосер, „Зонтаг – живот и дело“, веднаш по излегувањето од печат во американската јавност е дочекана со восклици на одушевување, а читателите на биографијата на американската писателка и теоретичарка на културата Сузан Зонтаг добија пристап до нејзиниот живот од една сосема поинаква перспектива. Основен мотив на Мосер во текот на пишувањето на биографијата му било да го прикаже животот на оваа необична и посебна жена, но настојувал и што повеќе да ја истражи географијата на нејзиното пишување.
– Луѓето се главно заинтересирани за нејзината личност, однесување и карактер, но она што мене ме фасцинира е нејзиното пишување. Исто така, фасцинантно ми е како оваа девојка, која потекнува од едно обично семејство од средната класа, станала Сузан Зонтаг. Фасцинантна ми е таа нејзина екстремност, таа во исто време е и добра и зла, херој и чудовиште. Збунувачки е да се види личност со толку различности во себе – вели авторот.
Сузан Зонтаг е повеќе од ангажирана интелектуалка, писателка или новинарка, таа секогаш знаела да одушеви со своето знаење или да уплаши со својата неверојатна интелигенција. Токму таа двојност на нејзиниот карактер, Мосер непрекинато ја нагласува во својата книга, истакнувајќи дека Зонтаг била срцето на сите уметнички движења во Америка во втората половина на 20 век, а нејзината појава значајно го одреди начинот на кој се развиваа американската култура и американската уметничка сцена.

Позитивните критики за биографијата ги истакнуваат педантноста и решеноста на авторот да создаде целосна и веродостојна слика за нејзиниот живот. Успехот на Мосер да ја прикаже Зонтаг надвор од клишеизираните и еднодимензионални рамки, критиката го истакнува како најважен квалитет на неговата книга. Американската критика истакнува и дека Мосер напишал публицистичка книга занимлива како фикциско четиво, а отклонот од традиционалните, сувопарни и досадни биографии го направил со истакнување анегдотски ситуации од животот на авторката, од кои се гледа колку нејзините филозофски и политички ставови биле всушност дел од нејзиното секојдневие.

Книгата претставува интимна и суптилна истрага во животот на една од највлијателните и најпровокативни мислителки на 20 век. Полна со страст и сопствени ставови низ целата своја кариера, Сузан Зонтаг стана една од најбитните литературни, политички и женски феминистички икони на својата генерација. Од нејзината рана опседнатост со книгите и нејзиното прво искуство во бар за хомосексуалци, од нејзиниот брак во адолесценцијата до нејзиниот прв љубовник, оваа биографија претставува фасцинантен поглед врз една важна културна критичарка и писателка чии дела за фотографијата, војната, болеста и тероризмот одекнуваат дури до денес.